Деветмината туристи од Велес кои се затекнаа во Тел Авив за време на нападите од Хамас врз Израел безбедно се вратени во Македонија, велат од МНР.

Македонските туристи вчера беа прифатени на специјалниот лет на Владата на Албанија до Тирана, по што во организација на македонското Министерство за надворешни работи со организиран транспорт се префрлени во земјава.

Претходно седум македонски државјани, туристи кои беа затечени во Витлеем, успешно ја поминале границата со Јордан, кадешто биле прифатени од почесната конзулка на Македонија, се наоѓаат на безбедно и во наредните денови се очекува нивно упатување кон дома.

Вчера изутрина, пак, според информациите од МНР, четворочлено семејство кое било затекнато во Тел Авив, преку комерцијален лет се упатило кон Истанбул, од каде исто така ќе го продолжи патувањето кон Македонија.