Вознемирувачка објава на социјалните мрежи
Германецот Фин Ватчов, кој живее во Македонија и често објавува позитивни содржини за земјава, вчеравечер сподели вознемирувачко предупредување на својот Инстаграм профил. Тој информираше дека во реонот на Железничката станица во Скопје има лице кое напаѓа девојки.
Ватчов посочи дека станува збор за случај што го споделил поради неговата девојка која сакала да остане приватна, но, како што наведе, решил јавно да алармира за настанот.
Тврдења за напад и следење девојки
„Има еден тип што се крие под железничката станица и чека да поминуваат девојки, ги удира по задник и почнува да бега на најлош можен начин“, напиша Ватчов.
Според неговата објава, лицето ги следело девојките, се обидувало да остане незабележано, а воедно и да го сокрие лицето додека ги снимало жртвите. „Ова е неговото лице, затоа сите млади девојки да внимаваат“, додаде тој во апелот.
Остра реакција и брза интервенција на полицијата
Ватчов остро го осуди ваквото однесување, наведувајќи: „Апсолутно е бедно што фаќаш жени на таков начин, а уште победно е што бегаш како мало девојче кога те снимаат и се обидуваш да си го скриеш лицето“.
Тој апелираше на зголемена внимателност кај граѓаните, особено кај младите девојки, изразувајќи надеж дека сторителот ќе биде пронајден и санкциониран. За среќа, следеше и брза реакција од МВР, а полицијата го пронајде и го санкционираше сторителот само неколку часа по објавата.
