Македонија е една од ретките сè уште недоволно откриени туристички дестинации во Јужна Европа, со впечатливи планински предели, богата историја, традиционална храна, квалитетно вино и гостопримливи жители. Вака американската телевизиска мрежа „Си-ен-ен“ ја претставува земјата во опширна репортажа посветена на нејзините природни убавини, културното наследство и традициите.
Во текстот со наслов „Сè уште постои една прекрасна земја во Јужна Европа со вкусна храна, одлично вино и без туристички метеж“, авторот Сај Неф ја опишува Македонија како место каде што посетителите можат да уживаат во природата и локалната култура без големите туристички толпи карактеристични за најпопуларните европски дестинации.
Репортажата првично била објавена во декември 2025 година, а била ажурирана и повторно објавена на 9 октомври 2026 година.
„Кога ќе влезам во автомобилот, без разлика во која насока сакам да возам, пред мене има планина, а и зад мене има планина. Мислам дека ова е најдобриот начин да ја опишам мојата земја“, вели Фросина Пандурска-Драмиќанин, која работи во областа на руралниот развој и зајакнувањето на локалните заедници.
Авторот посочува дека Македонија, и покрај природните и културните богатства, сè уште не е изложена на масовниот туризам што ги преплавува другите земји во Јужна Европа.
Александар Богоевски, сопственик на туристичката агенција „Sustainable Adventure Travels“, проценува дека околу еден милион патници транзитираат низ Македонија во текот на летото, главно на пат кон Грција и Албанија, без да застанат и да ги истражат нејзините знаменитости.
„Приближно еден милион патници транзитираат низ Македонија во текот на летото. Тие не застануваат. Мислам дека има уште многу работи што можат да се видат“, вели Богоевски.
Посебно внимание во репортажата е посветено на македонските манастири, езера и планински предели. Меѓу местата што „Си-ен-ен“ им ги препорачува на туристите е Бигорскиот манастир, познат по архитектурата, резбите во дрво и духовното наследство.
Авторот ги издвојува и есенските пејзажи во Националниот парк „Маврово“, чии бои ги споредува со познатите есенски предели на американскиот регион Нова Англија.
Охридското Езеро е опишано како „крунскиот скапоцен камен“ на Македонија, а манастирот „Свети Наум“ е наведен како една од знаменитостите што вреди да се посетат. Репортажата го нагласува и значењето на Охридскиот регион, кој е под заштита на УНЕСКО, со историскиот дел на градот, охридските бисери и угостителските објекти покрај езерото. објави Скопје1.мк
Меѓу другите природни атракции се споменуваат Националниот парк „Галичица“ и Преспанското Езеро. На Шар Планина, пак, љубителите на планинарењето можат да истражуваат бројни патеки, додека во дел од планинските села сè уште се практикува традиционалното сезонско преселување на стадата.
„Во други земји сум видела многу, многу лоши примери за тоа како масовниот туризам ја уништил локалната култура. Сакаме да привлечеме туристи што навистина ќе ги ценат нашата природа и нашата култура“, истакнува Пандурска-Драмиќанин.
Значаен дел од репортажата е посветен и на македонската гастрономија. „Си-ен-ен“ ја истакнува употребата на свежи, локално произведени состојки и разновидноста на традиционалните јадења во различните делови од земјата.
Посебно место добива ајварот и есенската традиција на неговата подготовка, кога семејствата печат пиперки и подготвуваат зимница. Се споменува и ракијата, која најчесто се произведува од грозје и се служи со салати, месо на скара и домашен леб.
Благодарение на сончевата клима, Македонија е претставена и како значаен производител на вино во регионот, со посебен акцент на Тиквешието. Меѓу специјалитетите што им се препорачуваат на посетителите се бурекот, ќебапите, пастрмајлијата и традиционалните чорби.
Американскиот медиум ги издвојува и македонските кафеани, опишувајќи ги како места со богата трпеза, музика во живо и посебна атмосфера.
Македонскиот филмски режисер Митко Панов зборува за улогата на кафеанските музичари во зачувувањето на локалната култура.
„Многу земји веќе ги изгубиле своите автентични форми на народна забава. На колку места во САД можете да отидете во кафеана, да слушате музика во живо, да му платите на музичарот и да побарате да ви ја испее омилената песна?“, вели Панов.
Во репортажата е опишано и Скопје, град што по катастрофалниот земјотрес во 1963 година бил обновен со меѓународна помош. Авторот го истакнува спојот на различни архитектонски стилови, од југословенскиот брутализам и османлиското наследство до поновите неокласични градби.
Старата скопска чаршија е претставена како мрежа од тесни улички со традиционални производи, антиквитети, барови и кафулиња. „Си-ен-ен“ забележува дека кафулињата во главниот град се посетени од раните утрински часови до доцна навечер, а турското кафе се служи покрај современи пијалаци, како мача-лате.
И покрај тоа што е град со средна големина, Скопје има богата културна понуда, вклучувајќи џез, филмски и музички фестивали, наведува авторот.
За оние што сакаат да поминат време во природа, се препорачуваат жичницата до Милениумскиот крст на Водно и кањонот Матка, каде што посетителите можат да возат кајак, да ги посетат пештерите и да уживаат во планинските предели.
На крајот од репортажата, Фросина Пандурска-Драмиќанин ја опишува Македонија како земја што нуди посебно рурално искуство.
„Тоа е повеќеслојно рурално искуство, со најубавите природни пејзажи што некогаш ќе ги видите во толку мала земја“, вели таа.
