Рускиот ас Тимур Дибиров веќе има статус на ракометна легенда. На 30 јули го славеше 40 роденден и сè уште е светска класа.
Кога ќе ја заврши кариерата, го чека место во Куќата на славните на ЕХФ. Минатата година во својата дебитантска сезона во редовите на хрватскиот шампион ППД Загреб беше избран за најдобро лево крило во Лигата на шампионите.
Тој е сакан во Македонија, навивачите на РК Вардар го обожаваат. На скопските „црвено-црни“ им донесе две титули во ЛШ, во 2017 и 2019 година. Тој ја надмина магичната бројка од 1.000 голови на вечната листа на најдобри стрелци на европското елитно натпреварување. Само четири ракометари го достигнаа четирицифрениот број. На тронот е нашата ракометна легенда Кирил Лазаров со 1,363 гола, а потоа следат уште тројца – Никола Карабатиќ со 1,182, Микел Хансен со 1,113 и Дибиров со 1,110.
Во интервјуто за „Моцарт Спорт“ Дибиров кажа дека планот му беше да ја заврши кариерата во Вардар, но немаше можности да остане во Скопје.
– Многу сум среќен што сум толку ценет во Вардар. Мојот план беше кариерата да ја завршам во Скопје. Ниту Вардар, ниту јас не сакавме да се разделиме, но имаше проблеми, немаше можност да останам, па минатата година завршив во Загреб. Благодарен сум на сегашниот клуб што ми даде шанса, што ми овозможи во 40-та година да играм во Лигата на шампионите и да ја добијам наградата за најдобро лево крило. Мислам дека го направив вистинскиот потег, се чувствувам добро во Загреб – се зборовите на Дибиров.