Односите меѓу САД и Куба треба да се засноваат на меѓународното право
Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел денеска соопшти дека неговата администрација во моментов не води преговори со владата на САД. Изјавата следи еден ден по заканите упатени од американскиот претседател Доналд Трамп кон Хавана.
Дијаз-Канел преку социјалните мрежи истакна дека односите меѓу двете земји мора да се темелат на меѓународното право, а не на непријателство, закани и економска принуда.
– Отсекогаш сме биле подготвени за сериозен и одговорен дијалог со различни администрации на САД, вклучувајќи ја и сегашната, врз основа на суверена еднаквост, меѓусебно почитување, принципите на меѓународното право и заемна корист, без мешање во нашите внатрешни работи и со целосно почитување на нашата независност, напиша Дијаз-Канел.
Претходно, Трамп изјави дека Куба „повеќе нема да може да живее од нафтата и парите од Венецуела“ и додаде дека Хавана треба да „склучи договор пред да биде премногу доцна“, без да прецизира за каков договор станува збор.
Според податоци на Енергетскиот институт при Универзитетот Тексас во Остин, пред последните американски закани и можен напад на Венецуела минатата недела, Куба добивала околу 35.000 барели нафта дневно од Венецуела, што ја чинело главната енергетска поддршка на островската држава, објасни Хорхе Пињона од институтот.
