Вкупно ќе бидат избрани 810 членови на ОИК и на Изборната комисија на Град Скопје. Секоја ОИК ќе брои по десет членови, а најмалку 30 отсто од нив треба да се жени.
ДИК денеска усвои измени на Упатството и методологијата за избор на претседател, членови и нивни заменици на ОИК. Како што појасни заменик-претседателката на Комисијата Дитмире Шеху
-ДИК за спроведување на член 21, став 2 од ИЗ во општините каде што живеат најмалку 20 отсто од граѓаните на другите заедници, каде се одразува принципот на соодветна и правична застапеност на сите заедници изборот ќе се изврши според национална припадност според пописот спроведен во 2002 година, рече таа. Појасни дека врз основа на ова онаму каде што живеат од 20 до 50 отсто припадници на заедниците, од нив ќе се бираат по двајца членови на ОИК, од 50 до 70 отсто по тројца, а над 70 отсто – четворица.
Случајниот избор на членовите на ОИК и на Изборната комисија на Град Скопје се врши од редот на општинската администрација и администрацијата на Град Скопје со високо образование.
При изборот на членовите се запазува и родовата застапеност. Најмалку двајца од членовите на ОИК треба да бидат жени.
Членовите на Комисијата денеска прифатија и измена на планот за јавни набавки и тоа делот на реконструкција на подрачните единици и канцеларии на ДИК, за набавка на возила и принтери. Најголем дел од средствата за реконструкција на подрачните единици и канцеларии на ДИК се обезбедени во соработка со ИФИМЕС, а со овие измени ДИК одвои 930.000 денари. За возила се одвојуваат еден милион денари, а за принтери 450.000 денари.
Според политичкиот договор, локалните избори во Северна Македонија се очекува да се одржат во втората половина на октомври.