Владата  ќе продолжи со спроведување политики што создаваат стабилна, предвидлива и транспарентна деловна средина, во која инвеститорите ќе можат долгорочно да планираат и да се развиваат.

Ова го изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска пред Британската бизнис асоцијација која денеска одбележуваше три години постоење и делување во земјава.

Таа потенцира дека Обединетото Кралство е еден од најзначајните економски партнери на Македонија и дека тоа го потврдуваат и податоците на надворешно-трговската размена, односно остварениот увоз и извоз, како и приливот на инвестиции од Обединетото Кралство.

– Британските инвестиции имаат посебно значење затоа што тие не значат само финансиски капитал. Тие носат нови технологии, повисоки стандарди во работењето, развој на човечки капитал, отворање квалитетни работни места и создавање нова вредност во економијата – потенцира министерката.

Според неа, потпишувањето на Стратешкото партнерство помеѓу ОК и РС Македонија е значаен придонес кон издигнување на соработката помеѓу двете земји на повисоко ниво и сигнал за долгорочна посветеност на ОК кон натамошно продлабочување на политичките, економските и трговските односи помеѓу двете земји.

Таа изрази уверување дека во годините што следат ќе има посилна трговска соработка, поголем прилив на инвестиции и нови заеднички проекти коишто ќе донесат конкретни придобивки за нашите граѓани и за нашите економии.

Британската бизнис асоцијација е основана во 2023 година и делува на унапредување на трговските врски со Обединетото Кралство, застапување на интересите на британските компании во земјава и останати компании коишто имаат британски бизнис интереси.