Министерството за финансии постигна значителен напредок во имплементацијата на Реформската агенда 2024–2027, со силен фокус на транспарентност, отчетност и подобрено управување со јавните финансии. Реформи коишто ги спроведе се клучни за зајакнување на капацитетот на државата ефикасно да апсорбира, односно да обезбедува и управува со средствата од ЕУ.
Министерството за финансии има исполнето осум чекори, од вкупно 22 чекори коишто ги исполни земјава и кои резултираа со одобрување на 142,1 милион евра во рамки на Реформската агенда.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на работен брифинг со амбасадорите на земјите членки на Европската Унија, посветен на реализацијата на Реформската агенда и приоритетите во процесот на европската интеграција на државата истакна дека Инструментот за реформи и раст е клучен двигател на реформите коишто ќе ги зајакнат јавните институции, ќе го подобрат управувањето, ќе поттикнат економски раст и ќе го забрзаат нашиот пат кон членство во Европската Унија. При тоа, потенцира дека посветеноста на Европската Комисија во поддршката на нашите реформски напори преку редовни мониторинг состаноци и обезбедување техничка помош помага да напредуваме во клучните политички области.
Како дел од Реформската агенда Министерството за финансии исполни чекор којшто се однесуваше на зајакнувањето на јавната внатрешна финансиска контрола, со усвојувањето на Законот за јавна внатрешна финансиска постигнато е целосно усогласување со меѓународните стандарди и принципите на ЕУ. Повеќе од 80% од буџетските корисници на централно ниво и 75% на локално ниво поднесуваат извештај за извршените внатрешни ревизии, додека повеќе од 70% од примарните буџетски корисници на централно ниво имаат документ за управување со ризик, вклучително и антикорупцискиот ризик и ги евидентираат идентификуваните ризици во плановите за ублажување на истите.
Понатаму е зајакнување на системот за јавни набавки, односно користењето на аукциите за набавки во фискалната 2025 година се намали на максимум 40% од набавките и целта поврзана со користењето на е-аукции е постигната. При тоа нивното учество останува под максималниот праг дефиниран во Реформската агенда, со што се придонесува за подобрена транспарентност, конкуренција и ефикасност.
Исто така, е постигнат напредок во спроведувањето на Законот за буџети и реформите во делот на управувањето со јавните инвестиции.
Во областа на Управување со јавни инвестиции, по усвојувањето на Уредбата за управување со јавни инвестиции, Министерството за финансии подготви и објави Насоки за изработка на студии за изводливост и Прирачник за процесот на управувањето со јавните инвестиции и спроведе обука за вработените во јавниот сектор за примената на истите. Конечната приоритетна листа на проекти за јавни инвестиции беше усвоена од овој Комитет во мај 2026 година, по што следува усвојување на листата од страна на Владата. Исто така развиено е привремено ИТ решение на соодветно ниво кое е пополнето со податоци од одобрени концепти за проекти и мониторинг извештаи, на тој начин се обезбедува централизирана база на податоци којашто ги опфаќа и тековните и новите проекти на национално ниво, поддржувајќи го изборот на буџетски кандидати и следењето на финансиското спроведување на проектите.
Во изминатиот период како дел од Реформската агенда донесени сите 17 подзаконски акти предвидени во Законот за буџетите. Воспоставен е регистар на јавни субјекти, ревидирани се буџетските класификации, а организациската структура на буџетските корисници е рационализирана, со што бројот на примарни буџетски корисници е намален од 85 на 35, при што буџетските корисници од втора линија се јасно идентификувани.
Министерството за финансии дополнително ги исполни пред утврдениот краен рок чекорите коишто се однесуваа на олеснување на пристапот до заеми за мали и средни претпријатија со проширување на издадените гаранции според државните кредитно-гарантни шеми и зголемување на бројот на мали и средни претпријатија кои имаат корист од кредитно – гарантните шеми.
Во рамките на четвртото барање за ослободување на средства, во рамки на Планот за раст, Министерството за финансии ќе достави две фишиња за двата многу важни чекори во областа Деловно опкружување, во рамки на реформата Поттикнување развој на мали и средни претпријастија (МСП) преку донесување и спроведување на новата стратегија за МСП. Министерството за финансии работеше на исполнување на препораките на Европската комисија во врска со олеснување на пристапот до заеми, со измена на релевантното законодавство за да се овозможи користење нематеријални средства како колатерал при кредитирањето на мали и средни претпријатија, како и на исполнување на препораките на Европската комисија во врска со спроведување темелно истражување за тековното користење лизинг од мали и средни претпријатија и законските одредби, воведување на потребните измени за да се поттикне користењето лизинг како опција за финансирање.
