Владата несериозно пристапува кон кризата. Тоа се гледа од пакетот на мерки кои ги предлага, кои се обичен маркетиншки трик и не нудат реално и одржливо решение за клучните проблеми кои ги има државата. Овие мерки не нудат излез од енергетската криза која веќе преминува во финансиска и социјална криза. Овој пакет мерки не нуди решенија за инфлацијата, ниту пак за енергетската криза и како да се помогне на фирмите, кои имаат веќе исцрпена ликвидност. Овие мерки се само популистички мерки со кои се купува привиден мир за секој еден месец. Мал е износот на средства за мерките кои се насочени кон најранливите категории на граѓани односно вкупно 20,2 милиони евра. Но, овие мерки во вид на финансиска помош доаѓаат по високиот ценовен удар и силното осиромашување на населението заради неспособната, неподготвена и неозбилна Влада која ни ја води економијата и државата, изјави на денешната прес конференција Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Таа истака дека е груба манипулација дека новиот пакет на мерки тежи 360 милиони евра.

– Исто како што немаа срам и манипулираа кога велеа дека даваат една милијарда помош за граѓаните и стопанството за време на КОВИД кризата, така и сега. Но, Државниот завод за ревизија за 2020 и за 2021 година направи ревизија на помошта и кажа дека таа била многу пати помала односно само 430 милиони евра, а истата во голем дел не завршила за мерки за КОВИД. Така и овој пат гласно кажуваат дека пакетот мерки чини 360 милиони евра, а вистината е дека е тежок едвај 30 милиони евра. Која е целта што како дел од пакетот мерки беа понудени мерки кои се регуларни, зарем не чувствуваат ни малку срам кога излегоа и кажаа дека повратот на ДДВ е понудена мерка и тоа во износ од 160 милиони евра? Секој знае дека повратот на ДДВ е долг на државата кон приватниот сектор. Наместо да им исплаќаат затезни камати за тоа што им ги држат парите на компаниите со месеци тие им ги бројат во помош. Ова е доволен доказ за безидејноста на владата за справување со кризата. Дополнително, нормално е повратот на ДДВ дека ќе расте, затоа што и цените растат односно имаме галопирачка инфлација. Кредитот кој што го земаат за поддршка на криминалите во ЕСМ во износ од 100 милиони евра го бројат како помош? Значи помош има за покривање на криминал, но нема помош за помош на граѓаните и стопанството. За споредба наспроти нашите едвај 30 милиони евра, Хрватска во есенскиот антикризен пакет предвиде околу 2,8 милијарди евра конкретни и таргетирани мерки со целосни фискални импликации, рече Димитриеска Кочоска.

Таа посочи дека владата ниту делува брзо, ниту делува одлучно во кризи.

– Голем крах имаа во справување со здравствената и економската криза, голем крах имаа во справувањето со инфлацијата и енергетската криза кои се присутни веќе една година. Токму таквата политика е причина зошто македонската економија тоне. За потсетување поради блескавите успеси на владата прогнозите на Светска Банка се дека Македонија ќе има раст на БДП од само 2,1%, и од нас полоши ќе бидат само Русија и Украина каде што има војна. Уште еден поразителен податок е стапката на инфлација која во септември достигна рекордни 18,7%, а само за храна и безалкохолни пијалаци стапката е 28,7% и е една од највисоките во Европа. За споредба во истиот период Албанија има стапка на инфлација од 8,1%. Над 12 илјади компании ставиле клуч на врата во последната година и половина, а по нивото на странски инвестиции сме на убедливото на дното во целиот регион. Ако на ова се додаде дека македонските граѓани и македонските компании плаќаат најскапа струја во регионот, тогаш сликата за фијаското на полето на енергетиката и економијата е целосна. Владата за жал КАКО И ДОСЕГА, така и во моменталната криза се однесува неодговорно и безглаво. Затоа ВМРО-ДПМНЕ како одговорна и државотворна партија ги става државните пред партиските интереси, не ја користиме кризата како поле за политичка пресметка, туку понудивме многу решенија со цел побезболно да ја поминеме истата. Уште во март, понудивме акцизата на нафтените деривати да се намали, ДДВ-то за основните прехранбени производи да се укине, и укажавме дека треба да се спремат со сите енергенси и ремонти на производните капацитети за зголемено производство на електрична енергија. Укажувавме во континуитет дека е потребно да се обезбедат и финансиски средства за справување со кризата. Обезбедивме и контакти за набавка на поевтини енергенси, го дадовме предлогот за вклучување на образовните, здравствените установи и јавните претпријатија со водостопанска дејност да влезат на регулираниот пазар. Сега предлагаме пет конкретни итни мерки кои треба да им помогнат на фирмите:
1. Предлагаме вишоците на струја кои ги произведува АД ЕСМ, а кои се јавуваат во текот на ноќта и викендот да бидат отстапени на стопанството по цена која што е производна за АД ЕСМ. Притоа под итно да се направат сите законски измени со цел компаниите да можат да ја користат оваа поволност во најкус можен рок. Ова ќе им овозможи на фирмите поевтина електрична енергија, и флексибилност во реорганизација на производниот процес.
2. Секоја компанија која ќе плати цена на струја која е над цената на струјата на регулираниот пазар на електрична енергија, односно која ќе плати над 200 евра за еден MWh електрична енергија, половина да го плати државата. Ова ќе им овозможи на фирмите намалување на трошокот за електрична енергија, со што, како и претходната мерка ќе се намали притисокот врз финалните цени односно на овој начин ќе се спречи понатамошно подгревање на инфлацијата.
3. Викенд без ДДВ за основните прехранбени производи, со цел поевтини производи за граѓаните. Ова ќе им овозможи на граѓаните да можат во текот на месецот да набавуваат поевтини основни прехранбени производи, да направат набавки за нареден период со цел да можат да го преживеат месецот. Оваа мерка треба да има подолг период на примена, се додека не се стабилизира инфлацијата кај основните прехранбени производи.
4. Интервенција во Законот за личен доход, преку предлог на измена во Законот за личен доход со кој и понатаму ќе останеме со низок и рамен данок. Ова ќе овозможи на примателите на личен доход по сите основи, повисок доход во услови кога истиот се намалува и на фирмите помал трошок.
5. Дестерилизирање на благајничките записи во Народната Банка со цел повеќе средства кај стопанството преку банките. Во услови кога растот на паричната маса во економијата значајно забавува, како што не бил од 2009-та година наваму, во услови кога компаниите имаат сериозни проблеми со ликвидноста, не треба централната банка да врши стерилизација на ликвидноста. Прегреаноста на економијата беше заради недисциплинираната фискална политика, несоодветните мерки за КОВИД кризата и ниските камати кои ја подгреваа личната потрошувачка, појасни таа.

Димитриеска Кочоска додаде дека очекува Владата и Ковачевски сериозно да ги земат во предвид овие мерки.

– Нивната досегашна ароганција со која ги одбиваа предлозите на ВМРО-ДПМНЕ видовме до кај ја однесоа Македонија. Ова се сериозни времиња и бараат сериозен пристап. Власта не смее да се однесува неодговорно. Се работи за егизистенција на граѓаните и компаниите. Не смееме да дозволиме да пропаднат десетици илјади компании, затоа што потоа тешко дека ќе успеат сите да се вратат во живот. Да се бориме за секое работно место, за секој денар повеќе во секое семејство. Предлозите на ВМРО-ДПМНЕ токму тоа го нудат. На потег е Владата и Ковачевски, децидна е потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ.