Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ќе учествува на редовните есенски средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светската банка, кои оваа недела се одржуваат во Бангкок, Тајланд – соопштуваат од Министерството.

Во рамките на средбите министерката ќе оствари билатерални средби со високи претставници на Светската банка и ММФ и со претставници на меѓународни финансиски институции, а ќе учествува и на состаноци посветени на регионалните економски перспективи и глобалните економски предизвици.

– Министерката ќе оствари работна средба и со потпретседателката на Светската банка, Антонела Басани, и потпретседателот на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) за Европа, Латинска Америка и Карибите, Алфонсо Гарсија Мора. Предвидена е и средба со извршниот директор на Светската банка за конституенцата во која членува Македонија, Јуџин Ругенаат. На средбите ќе се разговара за тековната соработка, активностите што се реализираат и можностите за нејзино натамошно унапредување. Министерката ќе оствари средба и со заменикот на генералниот директор на ММФ, Бо Ли, како и со директорот на ММФ за Европа, Матеуш Шчурек – информираат од Министерството за финансии.

Во агендата се и средбите со извршниот директор на ММФ, Јерун Клик, и заменикот на извршниот директор, Марникс ван Рај, како и учеството на состанокот на земјите од изборната конституенца и настаните посветени на регионалните економски перспективи.

Според Министерството за финансии, на агендата се и состанокот на земјите од изборната конституенца, настаните во рамки на Годишните средби, како и пленарната сесија на Годишните средби на ММФ и Светска банка.

Учеството на овие средби претставува можност за размена на мислења за актуелните економски движења, фискалните политики и можностите за унапредување на соработката со меѓународните финансиски институции.

Во составот на делегацијата на Есенските средби е и гувернерот на Народната банка Трајко Славески.