Договор за вработувања по етничка припадност нема. Ова денеска го изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска за наводен договор за вработување 2.000 – 3.000 Албанци во јавната администрација.
Договор за вработувања по етничка припадност не постои
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, денеска изјави дека не постои никаков договор за вработување по етничка припадност во јавната администрација. Таа категорично демантираше информации за наводен договор за вработување 2.000 – 3.000 лица.
„Не знам кој што изјавил. Знаете како оди издавањето согласности за вработување – тие се темелат на годишните планови донесени претходната година. Во ниту еден план не постои таква одредба. Ниту сум потпишала согласност за вработување по етничка припадност, ниту има такво барање“, изјави Димитриеска-Кочоска по средбата во Сојузот на стопански комори (ССК).
Таа објасни дека во овој момент најактуелно било продолжувањето на договорите во здравствениот сектор, но дека нема одлуки за масовни нови вработувања.
Исплатата на еврообврзницата и заштедите во Буџетот
Во однос на еврообврзницата, министерката потсети дека нејзината исплата е извршена со средства од унгарскиот кредит.
„Повлековме две транши од по 500 милиони евра со каматна стапка од 3,25%. За само една година, со ова обезбедивме заштеда од 30 милиони евра во Буџетот. Доколку Македонија се задолжи преку издавање еврообврзница, каматната стапка нема да биде пониска од 6,25%. Ова е многу лесно проверливо според каматните стапки што ги добиле нашите соседи“, истакна таа.
Димитриеска-Кочоска нагласи дека сите критики за ова прашање се исклучиво ПР потези, бидејќи математичките пресметки јасно покажуваат значителна финансиска придобивка за државата.
Сметководителите ќе можат да ги потпишат завршните сметки
Сметководителите ќе може да ги потпишат завршните сметки, уверува Димитриевска Кочовска
Министерката се осврна и на ситуацијата со сметководителите, нагласувајќи дека и покрај дисциплинските мерки, тие ќе можат да ги потпишат завршните сметки за 2024 година.
„По завршувањето на оваа година, тие ќе мора да ги исполнат законски предвидените часови за професионална обука. Паралелно, ќе се провери состојбата во Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) и доколку се утврдат злоупотреби, ќе се преземат соодветни мерки. За 2025 година ќе биде донесен нов закон,“ рече Димитриеска-Кочоска.
Министерката порача дека институциите ќе работат транспарентно и одговорно, без простор за шпекулации и дезинформации.
Извор: Миа