Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, во разговор за медиумот „Локално“ потенцираше дека на следните избори ќе настапи со сопствена програма и проекти, со државна стратегија и ќе издвојува убедлива победа.

„Наш основен приоритет и услов за било каква пост изборна коалиција е прифаќање на нашата програма, која ќе стане дел од програмата на идната влада. Нашата цел е да ја движиме државата напред, да ги направиме потребните реформи, да понудиме кадровски решенија од теорија и пракса кои се докажани во својата професија, и да останаме на патот на Европската Унија и безбедносно под чадорот на НАТО. Движењето не е политичко, туку граѓанско, ќе има свои политики, кои ќе се засноваат на неколку постулати: државотворност, национални интереси, чесност, нулта точка за корупција, транспарентност, реформи, професионалност, функционирање на систем, соживот и повисоки стандарди за граѓаните“, рече Димитриевски.

Тој посочува дека основната девиза во сите области ќе биде „Ветено-исполнето“ бидејќи дадениот збор навистина треба да биде збор со што ќе се врати довербата на граѓаните, во тие што ги избираат да раководат со државата во нивно име.

„Во нашата програма со која ќе настапиме на следните парламентарни избори, ќе има реално исполниви проекти, а не предизборни ПР памфлети. Кај граѓаните постои замор и заситеност, практично од сите политички субјекти кои во изминативе 30 тина години самостојност и независност на Македонија, наизменично се менуваа на власт, но граѓаните големо фајде од тоа не видоа. Затоа сметам дека едно ново граѓанско здружение е вистинска новина и освежување на политичката сцена. Она што радува, е дека кај граѓаните постои силна мотивација, енергија, идеи и решителност за вклучување во вакви движења. До сега, неколку пати имам кажано, дека оваа иницијатива не е моја, туку потекнува изворно од граѓаните на секоја општина во државата поодделно, и ќе биде „од граѓаните за граѓаните“. Очекувам пред парламентарните избори, сите овие општински, локални граѓански здруженија да се обединат во едно РЕПУБЛИЧКО ГРАЃАНСКО ДВИЖЕЊЕ и така да настапиме на изборите. Потенцирам дека во овие локални здруженија се приклучуваат голем број на индивидуи од разни професии, од различна политичка провиненција, но и граѓани кои не се партиски определени, граѓани од различна етничка, верска и национална припадност. Сите здруженија заедно ќе одлучат како ќе се вика движењето на национално ниво“, порачува Димитриевски.

Димитриевски вели дека силно ќе се разликуваат од актуелните партии присутни на политичката сцена. Ќе бидат понудени решенија и проекти во сите сфери и области – капитални инвестиции, рамномерно распределени во сите региони на државата.

„Сведоци сме дека кај сите партии е замрена и не постои идеологија, без разлика дали е тоа лево или десно. Јас по убедување сум социјалдемократ, со изразени леви политики, но ние ќе се позиционираме кон центарот, со голем акцент на државните и националните интереси, обединување на македонскиот народ и креирање на реални добри меѓуетнички односи на граѓанска основа. Политичките столбови на новото граѓанско движење ќе бидат „Илинден и АСНОМ, правда еднаква за сите, социјална држава, цврста и стабилна економија, висок стандард на граѓаните и граѓанска сигурност во сопствената држава. Затоа, симболично со формирање на вакви граѓански здруженија започнавме од Куманово и Прилеп, каде што историски гледано е започнат револуционерниот отпор против фашистичкиот окупатор. Следи формирање на здружение во Крушево, град во којшто преку Илинденското Востание е формирана првата слободна македонска држава. Државата ни е пред банкрот, граѓаните се на работ на егзистенцијата, корупцијата е на високо ниво, судскиот систем не функционира, со еден збор државата е пред колапс. Учеството на едно вакво граѓанско движење на парламентарните избори и победата на истите е можеби последната шанса за спас на Македонија и граѓаните“, истакнува Димитриевски.