Денеска, повторно сме сведоци како продолжуваат нападите и лажните обвинувања од страна на кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ Оливер Илиевски и пратеничката на СДСМ Лидија Тасевска. И двајцата денеска излегоа со информација за моја наводна злоупотреба на службената положба за купување на државно земјиште. Кандидатот за градоначалник Илиевски во дебатна емисија дезинформира дека имотот сум го стекнал кога сум бил претседател на Советот во општината, додека пак пратеничката Тасевска дезинформира дека имотот сум го стекнал додека сум бил градоначалник. Пред да изнесувате вакви информации потребно е претходно да ги знаете фактите!, се вели во соопштението на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
Тој потврдува дека има земјиште, но за него се водела постапка 9 години, а тогаш немал ништо со политиката.
-Како и многу други мои сограѓани работев во Ирак, спечалив пари и купив земјиште, кое не е државно како што вие дезинформирате, туку е купено од приватно лице како и многу други купувачи од мојот град во тоа време кои купија имот на таа локација “Црвенки”. Ова земјиште е уредно пријавено, со документи и сите постапки како мој имот и тоа се гледа во мојата пријавена имотна состојба во ДКСК.
Да повторам, земјиштето не е државно, туку било и е приватна сопственост во моментот на купопродажба и со истото сум се стекнал кога не сум бил претседател на Совет, ниту пак кога сум бил градоначалник, туку е стекнато пред многу години кога работев во Ирак!
Пред да излезете заеднички во јавност со дезинформации и обвинувања, потребно е подобро да се спремите. Со ваквите неосновани напади кои сакате да ги злоупотребувате во политички цели само докажувате дека вашата цел е да победите на локалните избори со лаги и притисоци. Граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ континуирано во текот на целата кампања се соочува со закани, притисоци, местенки, но тој начин за доаѓање на власт повеќе не поминува!
Доколку пратеничката Тасевска во рок од 48 часа не се извини, ќе биде покрената тужба, вели Димитриевски.
-Максим Димитриевски кандидатот за градоначалник на Куманово додека ја извршува функцијата градоначалник се стекнал со илјадници квадратни метри државно земјиште. Општина Куманово извршила продажба на над 26 хектари атрактивно државно неизградено земјиште на локацијата „Живкова карпа“. Документи од катастарот за недвижнини покажуваат дека Максим Димитриевски купил 9.961 метар квадратен во местото „Црвенки“, државно неизградено земјиште, обвини денеска Лидија Тасевска, пратеничка на СДСМ.