„Ова што го гледам пред мене вечерва е навистина величествена глетка. Ова е доказ дека е дојдено времето за напредок, време за пресврт, време за да се создаде нова иднина, сега! Делчево тоа го бара од нас, на Делчево тоа му го должиме“, истакна кандидатот за градоначалник на општина Делчево, Николчо Стојменовски вечерва на митингот.

Стојменовски додаде дека е горд што може да види сплотен народ кој стои рамо до рамо, еден до друг, онака како што стоеле генерации Македонци пред клучните моменти кога се дефинирала историјата. Затоа што денеска заеднички создаваме почеток на една нова приказна за нашето Делчево. Тоа ќе биде приказна на заедништво, приказна на разбирање и толеранција, приказна за многу нови проекти, за успех на секој граѓанин на Делчево.

„Вечерва не сакам да зборувам за лагите на оние во чии раце досега беше Делчево, со тие лаги живееме секој ден, постојано не мачат и многу добро ги знаеме. Затоа вечерва ќе зборуваме за иднина и за промени кои мора да се случат час поскоро. Добро се познаваме, и добро ја знаете мојата визија, знаете дека со овој тим на млади и способни луѓе ќе отвориме ново поглавје за развој на Делчево. Ќе создадеме широки можности за секого да ги реализира своите идеи и планови и сето тоа базирано на нашите знаења и напорна работа. Ќе го поддржиме прогресот и успехот на сите луѓе во Делчево. Ќе создадеме нов лик на Делчево како одржлив и урбан град и развиени села“, нагласи Стојменовски.

Стојменовски вечерва на граѓаните вети дека Делчево ќе биде општина која ќе има квалитетна вода за пиење во секое домаќинство, пред секој дом ќе се донесе модерна и современа улица. Знае како да се справи со отпадот и да се победи во борбата за обезбедување на здрава животна средина. Решен е општина Делчево да биде мал и ефикасен сервис за сите граѓани на Делчево и потенцијални инвеститори кои ќе отворат нови работни места во нашиот град и ќе ги подобрат платите на постојните вработени.

„Ќе посветиме огромно внимание, знаење и енергија во суштинскиот локален економски развој на Делчево. Оваа планина Голак, оваа река Брегалница се наше непроценливо природно богатство, но пред се огромен потенцијал. Туристичкиот локалитет Голак ќе го добие реконструирано и функционално детско одмаралиште, подобрено водоснабдување и решени имотно-правни проблеми кои го кочеа неговиот развој. Ќе создадеме нова општинска индустриска развојна зона во Делчево со поволности за сите идни инвеститори. Ќе ја развиеме и докомплетираме постојната сервисна зона“, рече Стојменовски.

Стојменовски укажа дека секое село ќе го претвори во своевидна рурална развојна зона со серија мерки, субвенции и поволности за луѓето и бизнисите на село.

„Долги години беше ветувана филтер станицата на брана Лошана. Дојдено е времето со знаење, со посветеност и ажурност таа да биде изградена. И не само тоа! Ќе го реконструираме главниот доводен цевковод на вода за пиење за град Делчево, при што ќе ги изградиме главните цевководи за селата Вирче, Град, Стамер, Ѕвегор. Селата Вирче, Ѕвегор и Бигла ќе добијат целосно нови водоводни мрежи“, рече Стојменовски.

Стојменовски додаде дека централното градско подрачје на Делчево ќе добие целосно нов урбан лик со изградба на градските улици, кејот на река Брегалница, нови мостови, паркинг места со особен акцент на градското зеленило во центарот на Делчево.

„Но, решен сум уште од првиот ден после 17 октомври да се зафатам посветено да ги рализирам ветените проекти. За таа цел е потребна убедлива победа на 17 октомври! Победа за промена, победа за проекти“, појасни Стојменовски.