Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во емисијата Студио 10 на телевизија 24 истакна дека Шилегов бил визионер во делот на развојот на Скопје, но за жал лоши биле политиките кои се имплементирани на централна власт.

„Шилегов беше визионер во делот на развојот на Скопје, направи пресвртница во пристапот како се пристапува во развојот на еден град во период од 8, 12 години на долгорочно ниво. Но, за жал лоши беа политиките кои беа имплементирани на централна власт. Ако имате вие апсолутна власт на локално ниво и одеднаш носите закон без консултација со градоначалниците за финансирање на општините и велите приходната страна на буџетот може да се менаџира единствено над 10% повеќе од просекот во последните три години на сопствените приходи, а доаѓате во финансиски заглавени општини, тогаш со закон ги лимитирате развојнитекомпоненти на општините, а ги терате општините да се раздолжуваат.

Затоа, јас ги вратив сите долгови кои беа креирани пред мене 20 и повеќе години. Што значи, јас дојдов на позиција градоначалник не да правам нови проекти, туку да ги враќам старите долгови. И тоа им се случи на најголем дел од останатите колеги, бидејќи општините беа во тешка финансиска состојба. Не успеаја да го изменаџираат тој процес, паралелно и да враќаат и развојната компонента да ја држат и станаа жртви на една таква политичка одлука која беше донесена еднострано. Ние кога го носевме тој закон, не го знаеше ни министерот за локална самоуправа, беше истуркано од премиерот“, рече Димитриевски.