Претседателот на Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски денеска во просториите на партијата, остварил средба со амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Михалис Рокас, на која присуствуваше и потпреседателот на Движењето, Павле Арсоски.
Како што се наведува во партиското соопштение, на средбата станало збор за актуелните политички состојби во државата и процесот на нејзината евроинтеграција.
Претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија Димитриевски во разговорот со амбасадорот Рокас, ги актуелизирал веќе познатите ставови на партијата во врска со уставните измени, односно нивната одложена примена, а со цел оневозможување на понатамошни блокади на патот на Македонија кон ЕУ.
Димитриевски притоа рекол дека градењето на добрите односи со сите соседи е од клучна важност за нашата држава и потенцирал дека „во иднина не смееме да се доведеме во ситуација билатералните проблеми да се решаваат во рамките на европските процеси и да не кочат на нашиот европски пат“.
Амбасадорот Рокас, како што се посочува во соопштението, многу позитивно ја оцени работата на Владата и исто така, позитивно ги оценил и реформите што се спроведуваат во јавната администрација и правосудството, како ресори со кои раководат кадри на Движењето ЗНАМ.
-Неговата екселенција, амбасадорот Михалис Рокас во разговорот со Димитриевски потенцираше дека напорите на Владата на Република Македонија во борбата против корупцијата и криминалот се од особено значење и за поздравување. Тој рече дека активностите што се преземаат на тоа поле покажуваат дека земјата е на вистинскиот пат и има намера да ги имплементира европските вредности, се вели во соопштението.
На средбата се разговарало и за Коридорите 8 и 10, кои се од особена важност за развојот на економијата на земјата и капиталните инвестиции. Претседателот на ЗНАМ, Димитриевски рекол дека од македонска страна се очекува овие инвестиции да бидат и финансиски поддржани од нашите партнери во Европската Унија и НАТО, бидејќи се од стратешка важност за сите.