-Да се каже дека нема надеж би било фаталистички, и не е здраво, меѓутоа мора да се грижиме за народот, да си го заштитиме, да работиме се што можеме да работиме. Влогот е огромен и ова влегува во еден покрупен проблем бидејќи сега крупното прашање е дали ние на Балканот можеме да веруваме на зборовите на ЕУ. И мислам дека земјите членки на ЕУ се свесни, водејќи сметка меѓу другото, и за нивните јавни изјави, рече вицепремиерот Димитров во гостување на ТВ Сител коментирајќи ја новата блокада од Бугарија на Советот за општи работи во Луксембург на усвојувањето на преговарачката рамка и за старт на преговорите на Унијата со С Македонија и со Албанија.

Запрашан за тоа што понудиле на средбата минатата недела во Софија заедно со премиерот Заев и шефот на дипломатијата и за соопштението од бугарското МНР дека чекаат македонската страна на дело да ги демонстрира преземените обврски од средбата, Димитров кажа дека не може да зборува за детали бидејќи прашањето не е решено, но начелно кажа дека се разговарало околу интензивирање на секторската соработка и околу процесот на работа на Комисијата за историски и образовни прашања, а од македонскиот јазик и идентитет, вели, никогаш нема да се откажеме.

-Ние имаме еден пат, ќе одиме во ЕУ и ќе влеземе во ЕУ како Македонци кои зборуваат македонски јазик. Многу е невозможно и нелогично и контрадикторно македонскиот јазик да биде проблем за членство во Унија во која што се негува културната и јазична различност на европскиот континент. И во таа смисла проблемот станува многу голем. Дали може една земја членка да бара услови кои се спротивни со европските вредности. Ако цената за нашиот пат кон ЕУ е обезличување тогаш таква ЕУ нема да ни треба. Јас уште кога почна овој процес во октомври минатата година, кога се интензивираа напорите тогаш уште за германското претседателство јасно кажав, јас сум со тоа ок. Ако не можеме да ги отвориме вратите заради македонскиот јазик, во ред, нема да ги отвориме тие. Но тоа поставува суштинско прашање каква унија е ЕУ. Софија беше детали и детални разговори околу интензивирање на секторската соработка и детални разговори околу процесот на работа на Комисијата за историски и образовни прашања, вели Димитров.

Тоа на некој начин, додава, би требало да биде патоказот, билатералниот документ којшто според португалскиот предлог би се разгледувал низ процесот на стабилизација и асоцијација. Појасни дека понудата била врзана со зелено светло сега, но, рече, ќе продолжат со напорите, нагласувајќи дека не може ова прашање да се решава парцијално како што одговара само на едната страна.

-Сето тоа од наша страна беше разговарано и понудено доколку денес нашите комшии кажат „да“ за преговарачката рамка и за првата меѓувладина конференција. Во таа смисла не знам за какви обврски може да се зборува бидејќи не се исполнети очекувањата и обврските на другата страна. Не може да се зборува за преземени обврски кои што се условени со „зелено светло“ денес на Советот за општи работи. Во договорот меѓу другото има и поддршка од бугарска страна на нашиот европски пат. Тешко е да ги помирите зборовите поддршка со зборот блокада, или немање зелено светло. Ефектот во целиот контекст не е добар за никого- ЕУ која губи во еден регион кој е географски во рамките на земјите членки на ЕУ, губиме ние, губат нашите комшии, губи овој цел регион, рече Димитров.

Нагласи уште еднаш дека е неевропски да се задира во нашиот идентитет и европскиот договор за пат напред мора да вклучува почитување на нашето право на самоопределување.

Во однос на тоа што потоа ако не добиеме „зелено светло“ во јуни, Димитров вели од патот на ЕУ-интеграцијата не смееме да се откажеме бидејќи го поддржуваат 79 проценти од граѓаните. Но вели има логика предлогот на претседателот Пендаровски за поинтензивна соработка со САД, кои се, вели, наш стратешки партнер кој покажал дека можеме да се потпреме на нив, а кои имаат слични или компатибилни интереси со нашите за тоа како да одиме напред. Тој се заложи и за билатерални партнерства со земји членки на ЕУ во области коишто се посебно од нивен интерес, а како пример ги посочи Холандија и Естонија.

-Владеење на правото е врвен принцип во Холандија. Почнале пристапен процес или не почнале, партнерски однос со Холандија токму во оваа област ќе биде од корист за нашите граѓани. Или со Естонија имаме разговори за процесот на дигитализација кој истовремено е процес за борба против корупција бидејќи се е транспаретно. Ние мора татковината да си ја направиме поевропска во смисла на принципи, стандарди итн. Убаво ќе биде да имаме пристап до пристапниот процес, преговорите, бидејќи тој процес е најдобрата реформска алатка што воопшто постои, меѓутоа од патот не смееме да се откажеме, вели Димитров.