– Вложивме сериозен политички капитал врз основа на европското ветување, време е вниманието и енергијата да ги насочиме кон процесот на европеизација и исполнување на очекувањата на граѓаните. Ако ЕУ конечно ја поддржи македонската приказна и огромниот влог на ова прашање што се пресликува во целиот регион, тогаш Унијата ќе покаже дека е сила што влече за добро, нагласи Димитров.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, Димитров го информираше Шулц за последните политички случувања во земјава со акцент на европското портфолио, а се разговараше и за состојбите во регионот во контекст на евроинтеграциите.

Шулц ја нагласи важноста на Преспанскиот договор во контекст на одговорноста за обезбедување мир и стабилност на регионот и пошироко, заедно со очигледниот демократски напредок што  Македонија го постигна во последните години и приближувањето кон споделените вредности.

Според него, натамошното одложување на почетокот на пристапните преговори со ЕУ поради блокадата од Бугарија е непристојно и опасно за стабилноста на регионот и европската визија, при што поддршката за ова прашање ќе биде и понатаму манифестирана преку активностите на Фондацијата и неговиот личен ангажман.

На овие теми се разговараше и на средбите на Димитров со ополномоштеник за ЕУ политики во германското МНР, Сабине Штер и директорка во Министерството задолжена за Југоисточна Европа, Турција и државите на ЕФТА, Сузане Шуц. Димитров им ги пренесе очекувањата Германија и понатаму да остане проактивна кон остварување на заеднички утврдената стратешка цел и ги информираше за ажурираниот статус на реформскиот процес во рамки на „Агенда: Европа дома“.

– Почетокот на пристапните преговори ќе претставува валидација на напредокот на Северна Македонија, постигнат со голема помош и поддршка од нашите германски пријатели кои принципиелно го застапуваат она што е вистински „европско“ во интегративниот процес. Стартот на преговорите ќе го даде неопходниот поттик на реформскиот процес, а истовремено ќе го обнови импулсот за политиката на проширување на ЕУ, нагласи Димитров.