Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски денес во Собранието порача дека Република Македонија е подготвена за конструктивен дијалог со Бугарија, но дека процесот на пристапување кон Европската унија треба да биде кредибилен, предвидлив и заснован на заслуги.
На првата сесија од 75-тиот Мешовит парламентарен комитет ЕУ–Македонија, Димитровски истакна дека македонската европска определба не е само политичка цел, туку избор за функционални институции, владеење на правото, економски раст и повисок животен стандард.
„Нашата порака е јасна: Република Македонија сака да биде членка на Европската унија и е подготвена да ги исполнува критериумите според европските стандарди. Очекуваме процесот на проширување да се темели на јасни критериуми, конкретни резултати и еднакви правила за сите кандидати“, нагласи тој.
Тој нагласи дека додека граѓаните имаат силна проевропска ориентација, властите мора да обезбедат конкретни резултати во реформи: ефикасно судство, силна борба против корупцијата, независни институции и подобро јавно управување.
Во однос на билатералните прашања со Бугарија, Димитровски потенцира дека македонскиот јазик и идентитет не смеат да бидат предмет на политичко преговарање, но отвореноста за практична соработка и инфраструктурни проекти како Коридор 8 ја оцени како вистински пример за градење доверба.
Како доказ за својата предвидливост и усогласеност со ЕУ, тој го посочи партнерството за безбедност и одбрана со Унијата, но нагласи оти земјата сака и може да придонесе кон колективната европска безбедност.
