Властите во Јужна Кореја побараа официјално објаснување и извинување од Киев поради прекршување на меѓусебниот договор за тајност. Поводот за дипломатскиот судир е едностраното објавување податоци за трансферот на двајца севернокорејски војници заробени во Украина. Официјален Сеул предупредува дека ваквата постапка сериозно ја нарушува меѓусебната доверба.
Од кабинетот на јужнокорејскиот претседател Ли Џе Мјунг порачаа дека украинското негирање за постоењето на договор за доверливост не одговара на вистината. Јужнокорејските власти ја оценија таквата реакција од страна на соработниците на претседателот Володимир Зеленски како целосно невистинита.
Според тврдењата од Сеул, токму украинската влада првично инсистирала трансферот на војниците да се држи во тајност. Како причина било наведено дека Киев стравувал од критики во домашната јавност поради пропуштената прилика тие да бидат разменети за украински воени заробеници.
Високиот секретар за односи со јавноста на јужнокорејскиот претседател, Сонг Ги-хонг, истакна дека одлуката за тајност била донесена поради чувствителноста на случајот. Примарна цел била личната безбедност на заробениците и нивните семејства, како и заштита на пошироките дипломатски односи.
