Поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска користела службени средства за приватни цели при нејзниното службено патување во Велика Британија во периодот од 24 до 27 октомври минатата година. Ова го констатрира Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), откако по допрен глас отвори предмет за случајот во август годинава.
Предметот на денешната седница на ДКСК го презентира членот Зоран Богоевски, кој образложи дека по увид во документите кои Комисијата ги побарала од Министерството за култура за конкретното службено патување, се потврдени наводите оти тогашната министерка потрошила буџетски средства за приватни цели. Следствено, како што рече Богоевски, Антикорупциската комисија ќе иницира постапка до надлежните органи.
„По повод 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство, министерката за култура во период од 24 до 27 октомври 2023 година била во билатерална посета на Обединетото Кралство. За патувањето во странство било донесено решение согласно кое трошоците се на Министерството за кулутра во износ од 1.300 британски фунти, од кои 292 фунти се признаени како трошоци за репрезентација, а 600 фунти за сместување. Од 292 фунти, 280 се трошоци кои ДКСК смета дека не може да се квалификуваат како трошоци за репрезентација“, рече членот на ДКСК, Зоран Богоевски, на денешната седница на Комисијата.
Дополнително, како што посочи, со службената картичка на Министерството за култура биле покриени и трошоци во износ од 528 британски фунти, кои ДКСК не може да ги квалификува како трошоци за службени цели.
Антикорупциската комисија отвори предмет за случајот во август годинава откако владејачката ВМРО-ДПМНЕ во јавноста изнесе низа обвинувања оти ексминистерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска од редовите на СДСМ трошела буџетски средства за приватни цели на службени патувања. Ексминистерката за култура со службената картичка во Лондон купувала подароци, куфери, хулахопки и чорапи – тврди ВМРО-ДПМНЕ .
По ваквите обвинувања, Костадиновска-Стојчевска рече дека вистината е оти дел од трошоците што биле презентирани од ВМРО-ДПМНЕ се однесуваат на потребата да обезбеди основни услови за нормално функционирање на службеното патувањ бидејќи авиокомпанијата ѝ го изгубила багажот. Ексминистерката тогаш рече дека ќе одговара ако се утврди неправилност, а во спротивно најави тужба против ВМРО-ДПМНЕ.