Државниот буџет бележи зголемени приходи од даноци и придонеси

Државниот буџет бележи зголемени приходи од даноци и придонеси, при што заклучно со 30 ноември годинава се собрани 3,97 милијарди евра, што е за 268 милиони евра повеќе во споредба со истиот период минатата година. Овие податоци денеска ги соопшти директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова.

Според неа, растот се должи и на зголемените даночни приходи и на повисоката наплата на придонеси. Како што информира Петрова, приходите од даноци се зголемени за 6,5 отсто, додека кај придонесите е евидентиран пораст од 8,7 проценти во однос на истиот период лани.

Таа посочи дека позитивните трендови продолжуваат и во текот на декември, иако процесот на сумирање сè уште не е завршен.

-Трендови на пораст во однос на лани има и во декември, но уште течат приливите и исплатите од уплатните сметки за даноци. Денеска ги сумираме податоците од вчерашниот ден, даночниот ден за ДДВ и по истекот на месецот ќе ги имаме конечните податоци за цела година, истакна директорката на прес-изјава во Владата.

Во изјавата се осврна и на проектот за електронско фактурирање, најавувајќи дека од 1 јануари започнува пилот-имплементацијата на системот.

-Се наоѓаме пред клучен исчекор. Во првата фаза ќе го објавиме комуникацискиот механизам преку кој ќе се врши автоматската размена на податоци меѓу компаниите, меѓу нивните софтверски системи за фактурирање и меѓу државната централизирана платформа за е-фактурирање. По новогодишните празници ќе биде објавена техничката документација врз основа на што фирмите ќе можат да почнат со прилагодување на своите софтверски решенија и техничката интеграција, како и со тестирање на изготвување е-фактура во контролирана тест околина, објасни Петрова.

Како дел од временската рамка за спроведување на проектот, таа информираше дека до крајот на првиот квартал ќе биде објавена клиентската апликација, која ќе овозможи бесплатни решенија за помалите компании. До завршувањето на вториот квартал е планирано поставување на продукциската околина, а тестирањето на системот треба да заврши до крајот на третиот квартал во 2026 година.