Министерот најавува значително зголемување на електронските услуги
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, најави дека до крајот на годината ќе бидат воведени 20 до 30 нови електронски услуги, со можност за дополнително зголемување на бројката. Дел од овие услуги ќе се однесуваат на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), истакна тој во интервју за ТВ Алфа.
„За мене ФЗОМ беше мошне важен, затоа што е една од клучните институции, која може за нешто да му затреба на секој граѓанин, за продолжување на боледување, за активирање на боледување, за менување работно место тогаш се менуваат и осигурениците, има доста активности кои граѓаните ги користат“, рече Андоновски, потенцирајќи дека околу 15 услуги ќе бидат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, поврзани со компании, а не со поединци.
Зголемување на бројот на корисници и модернизација на Националниот портал
Андоновски појасни дека, покрај веќе планираните услуги, се очекува и воведување на уште околу 30 електронски услуги преку ИПА проект поддржан од Европската Унија.
„Очекувам годината да заврши со повеќе електронски услуги. Лани имавме раст од 74 проценти на бројот на месечни услуги, кои ги издаваме на граѓаните. Во 2024 просекот бил 3.450 услуги, а за 2025 просекот изнесува 13.450, што значи разликата во растот е огромна, а бројот на корисници е зголемен за 62 отсто, споредено со 2024 година“, рече тој.
Министерот истакна дека се работи и на надградба на Националниот портал за е-услуги со цел да биде побрз, попристапен и позаштитен за граѓаните.
Достапност и поддршка за граѓаните
Андоновски нагласи дека дигитализацијата не значи забрана за хартиени документи. „Секој граѓанин може и утре да отиде во канцеларијата на неговото матично подрачје за да извади хартиен документ, доколку не сака, не може или не знае како да ги користи дигиталните алатки“, рече тој.
Тој посочи дека граѓаните можат да се обратат и во 14-те центри за услуги на Министерството, каде што ќе им биде помогнато при користење на дигиталните услуги.
„Ова е стратешкиот пристап на дигитализацијата и затоа немаме револт од граѓаните кон дигитализацијата. Нема ниту еден негативен коментар, дека нешто им забрануваме, не им дозволуваме на граѓаните. Ова е уште една можност за побрзо завршување на работа“, додаде Андоновски.
Министерот истакна дека во моментот Националниот портал има над 240.000 корисници, а системот за единствена најава (СЕН) е користен од над 300.000 корисници.
