Жените што се занимаваат со земјоделство ќе имаат можност да добијат до 360.000 денари финансиска поддршка за инвестиции во опрема, како и вкупно 100.000 денари надоместок за мајчинство за период од девет месеци.
Мерките беа во фокусот на обраќањето на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, на одбележувањето на Меѓународниот ден на руралната жена во Струмица, во организација на Националната федерација на фармери.
Поддршката до 360.000 денари се обезбедува преку мерката 115 – „Поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство“, од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2026 година.
Во меѓувреме, средствата за Програмата за поддршка на социјалната сигурност на жените што вршат земјоделска дејност се зголемени од еден милион на 2,5 милиони денари со ребалансот на буџетот. Преку оваа програма се обезбедува деветмесечен надоместок за мајчинство во вкупен износ од 100.000 денари.
Министерот информираше дека регистрираните земјоделски стопанства во кои жена е носител или член можат да аплицираат за финансиска поддршка преку мерката 115 најдоцна до 13 ноември 2026 година. Средствата се наменети за набавка на опрема за преработка и доработка на примарните земјоделски производи, како и за услуги за спроведување на деловниот план.
Тој упати повик и до жените што имаат статус на осигуреник – индивидуален земјоделец и ги исполнуваат условите за надоместок за мајчинство, да се информираат и да поднесат барање до Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој најдоцна до 10 декември 2026 година.
„Сакам и надоместокот за мајчинство од Програмата за социјална сигурност да стигне до секоја жена за која е наменет“, истакна Серафимовски.
Според податоците од Единствениот регистар на земјоделски стопанства на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во земјава се евидентирани 129.226 земјоделски стопанства и 29.971 жена, од кои 3.918 се помлади од 40 години.
