Додека со години бесправно се гради во Тетово, а за истото нема никаква реакција од Општина Тетово, ДУИ и СДСМ денеска се крена прашина за крст којшто е поставен на црковно земјиште.
Црквата Свети Наум Охридски која е изградена пред три децении и е симбол на православните верници ги вознемири локалните власти. Ним им смета овој 15 метарски крст, а забораваат дека во меѓувреме „како печурки“ никнуваат секакви викендички и хотели. Факт е дека Општина Тетово има проблем со урбанистичкото планирање на овој простор, а тука најголем проблем не смее да биде поставувањето на овој крст кој патем е поставен на црковно земјиште.
За оваа тематика се огласи и Даријан Сотировски, претседателот на Kомисијата за односи со верските заедници и религиозни групи. Тој повика на внимателност и воздржаност од сите за ситуацијата околу Попова Шапка.
На Попова Шапка со години наназад гради кој каде ќе стигне. Тоа и покрај повиците на многумина стручни лица, но и сопственици на викенд куќи и хотелиери, Општина Тетово не најде за сходно да го разреши преку усвојување на урбанистички планови и соодветно одобрување на изградба, поставување времени објекти, опрема и инсталации, но и соодветна непристрасна и неселективна надзорна и казнена поставеност. За разлика од многубројните објекти, на катови и со оградени дворови на државно земјиште, Крстот е поставен на манастирски имот и прашање е дали било каде во земјава за поставување на крст во двор на манастир некој дал дозвола. Крстот е верско обележје. Што правиме со многуте објекти профани и сакрални изградени на државно земјиште? Ете, на Попова Шапка такви има насекаде. Зошто за ниту еден од нив до сега не заседаваше вонредно Советот“, прашува Сотировски.
За овој крст на Попова Шапка реагираа политички партии и Општина Тетово.
Општина Тетово на терен испрати инспектори и најавија преземање на законските мерки кои се во нивна ингеренција. Од ДУИ побараа образложение како е поставен овој крст на ова место.
Во одбрана на интересите на Македонците застана единствено ВМРО-ДПМНЕ.
Тие најавија итна седница „по повод притисоците на институциите предводени од ДУИ и СДСМ насочени кон кршење на Уставот и правото со кое се гарантира слободата на вероисповеста и изразување на верата на Македонците во Тетово“.
„Сметаме дека неовластеното и спротивно на закон присуство на бројни државни институции во црквата Свети Наум Охридски на Попова Шапка е директен притисок насочен кон создавање на тензии помеѓу граѓаните“, се вели во соопштението на ОК ВМРО ДПМНЕ Тетово.