Една од главните теми денеска во медиумите е дека Струмица станува единстевен град на Балканот со целосоно електрифициран јавен превоз.

Општината доби десет електрични автобуси кои ќе почнат да сообраќаат од 11- ти септември. На струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов и на директорот на ЈСП Струмица Драги Поп Стојанов денеска официјално им беа врачени клучевите од страна на добавувачот.

Вредноста на набавените автобуси по пат на јавна набавка е 7 милиони евра.

Со тоа што станавме првиот град во регионот кој воведува целосно електричен јавен превоз, даваме пример не само за Македонија, туку и за целиот Балкан. Поставуваме нов стандард за урбана мобилност – со приоритет на одржливоста, иновациите и иднината на нашата заедница. Веќе од 11.09.2024 автобусите ќе им служат на сите Струмичани за транспорт во рамки на општината, еднаков за сите жители. Воедно, со овие автобуси ќе се врши и превоз на ученици. Овој чин е уште еден цврст доказ за визијата на општина Струмица во прогрес.“ – изјави Костадин Костадинов, Градоначалник на Општина Струмица.

И додека во останатите градови во внатрешноста стануваат пример како треба да се работи за доброто на граѓаните, град Скопје на овој план доживува фијаско. Не само што не се реализираше ветувањето за бесплатен јавен превоз од страна на градоначалничката Данела Арсовска, туку нема ниту нови автобуси за превоз на скопјани.

Секојдневни се поплаките од граѓаните кои со часови чекаат градски автобуси на постојките на ЈСП, возниот ред воопшто не се почитува, а возењето во автобус е под секое достоинство како да  претставува тест за издржливост за патниците, а поради ненавремено сервисирање на старите автобуси тие честопати остануваат во дефект и предизвикуваат сообраќајни несреќи.

За нефункционалниот јавен превоз,  градоначалничката Арсовска ги обвинува советниците дека повеќе  од две години не гласаат за набавка на нови еко автобуси, за што веднаш од советничката група на ВМРО ДПМНЕ ја наметнаа дилемата дали воопшто  во Буџетот на град Скопје, се планирани средства за набакна на нови автобуси.

Дополнителен проблем за градскиот превоз во Скопје, се и честите предупредувања од приватните превозници дека ќе престанат да вршат јавен превоз поради неисплатените обврски од страна на град Скопје.

И додека градоначалничката Арсовска постојано се надмудрува со сите останати дека таа не е виновна за ваквата состојба, најмногу трпат граѓаните, кои на локалните избори го дале гласот за нејзе и очекуваат резултати кои до ден денес ги нема.