Претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Багер Галибаф, изјави дека спроведувањето на Меморандумот за разбирање со САД е тешко, но можно. Според него, тоа може да се постигне само ако државата, паралелно со дипломатијата, биде целосно подготвена за одбрана.
Галибаф, кој ги предводеше преговорите со САД, рече дека дипломатијата и преговорите треба да ги решат воените блокади, но истовремено да ги зачуваат и консолидираат, како што наведе, достигнувањата на силите на отпорот.
„Тоа е можно само кога државата е целосно подготвена за одбрана, паралелно со дипломатијата“, наведе Галибаф.
Тој посочи дека преговорите за Меморандумот биле во застој откако Израел извршил напади врз јужното предградие на Бејрут, Дахије.
Според Галибаф, Техеран инсистирал во договорот да биде вклучена одредба за зачувување на територијалниот интегритет на регионалните држави и за прекин на војната против регионалните сојузници на фронтот на отпорот.
„Оваа клаузула е додадена во текстот. Денес, меморандумот се спроведува. Неговата имплементација е тешка, но можна“, истакна Галибаф.
Меморандумот за разбирање меѓу САД и Иран е постигнат со медијација на Исламабад. Станува збор за рамковен договор за прекин на непријателствата, враќање на поморската безбедност во Ормуска Теснина и прекин на воените операции на повеќе фронтови, вклучувајќи го и Либан.
