Одговорното управување со јавните финансии подразбира исполнување на законските обврски кон граѓаните, редовно сервисирање на јавниот долг, внимателно планирање на расходите и создавање простор за инвестиции и економски развој. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостувањето во емисијата „Колегиум“ на ТВ Алфа, осврнувајќи се на Буџетот за 2027 година, фискалната консолидација, јавниот долг и предизвиците што ги носи неизвесното меѓународно економско опкружување.
Министерката потенцираше дека следната година сервисирањето на обврските по основ на јавниот долг не може да се третира како прашање на избор, туку исклучиво како неопходна законска обврска за зачувување на финансиската стабилност и довербата во државата.
„Секој од нас може да се стави во ситуација во која има обврска кон банка и треба редовно да ја сервисира. Кај граѓаните банките имаат некоја толеранција, ќе почнат да се јавуваат. Но, кога станува збор за државата, тука толеранција нема. И ниту еден одговорен политичар, особено министер за финансии, не смее да помислува дека тука може да се игра“, истакна Димитриеска-Кочоска.
Таа детално посочи дека непочитувањето на преземените финансиски обврски може да предизвика тешки долгорочни последици врз кредитниот рејтинг и идните услови за задолжување на меѓународните пазари.
„Покрај тоа што значи влошување на кредитниот рејтинг, па каматните стапки растат и така натаму, може да значи и нешто многу пострашно, а тоа е, не дај Боже, како принудна управа, да се вмешаат веќе и Меѓународниот монетарен фонд и други меѓународни институции“, посочи Димитриеска-Кочоска.
Во своето излагање министерката нагласи дека суштинското прашање не е само колку средства се позајмуваат, туку во кои конкретни проекти се пласираат. Во тој контекст, таа повлече јасна граница меѓу задолжувањата направени во минатото што сега достасуваат и новите задолжувања наменети за капитални инвестиции.
„Тоа е таа огромна разлика помеѓу долговите кои што јас сега морам да ги вратам, ме тежат, ме тежат, а треба да ги вратам и морам да бидам одговорна, и во однос на тоа што можеби некој во иднина ќе враќа долгови, но треба да знаеме зошто ги враќа“, рече Димитриеска-Кочоска.
Осврнувајќи се на условите на меѓународните финансиски берзи, министерката напомена дека движењето на каматните стапки останува тешко предвидливо поради севкупните глобални економски и геополитички превирања.
Таа додаде дека значителните потреби за финансирање на европските земји, проследени со растот на буџетските издвојувања за одбраната и вооружувањето, генерираат дополнителен фискален притисок на глобално ниво.
Коментирајќи ги критиките на опозицијата околу пресметките за бруто-домашниот производ и нивното влијание врз буџетскиот дефицит и јавниот долг, таа објасни дека ресорното министерство исклучиво ги користи официјалните податоци од Државниот завод за статистика согласно законската методологија.
Министерката притоа потсети дека бенчмарк ревизијата на податоците за БДП била официјално објавена уште на 18 април 2024 година, пред промената на извршната власт, преку јавно соопштение на статистичкиот завод.
„Ние ниту ги продуцираме тие податоци, ниту ја правиме ревизијата, ниту имаме каква било надлежност. Единствено, овие два показатели се ставаат во сооднос со бруто-домашниот производ, колкава е, така се пресметува“, рече Димитриеска-Кочоска.
Димитриеска-Кочоска подвлече дека Министерството за финансии во ниту еден момент не интервенирало во методологијата и порача дека забелешките треба да почиваат врз реални надлежности и официјални статистички извештаи.
„Доколку ние измениме нешто, е тогаш може да кажуваат и да викаат дека ние не сме транспарентни. Меѓутоа, ние такво нешто не сме направиле. Ние податоците ги повлекуваме од Државниот завод за статистика“, кажа Димитриеска-Кочоска.
Таа упати апел до јавноста и стручната заедница за висок степен на професионалност и аргументираност во дебатите за јавните пари.
„Од економистите и од луѓето кои имаат професионален кредибилитет очекувам да ги држат работите на ниво на факти, аргументи и професионалност. Но, за жал, очигледно некои луѓе се решени повеќе политички да си ги презентираат работите и не се држат до нивната професионалност“, порача Димитриеска-Кочоска.
На крајот, Димитриеска-Кочоска подвлече дека институционалниот фокус останува на постепеното намалување на дефицитот, усогласувањето на јавниот долг со фискалните правила и одржувањето на стабилен финансиски систем.
