Новак Ѓоковиќ испиша историја откако успеа да стигне до својата 22. гранд-слем титула и да се израмни на врвот на вечната листа со големиот ривал Рафаел Надал. Србинот до 10. рекордна титула на Австралија опен стигна откако во финалето славеше над Гркот, Стефанос Циципас со максимални 3-0, по сетови 6-3, 7-6 и 7-6.
Ѓоковиќ одлично го отвори натпреварот. Одлично сервираше, а скоро во секој сервис гејм на противникот му правеше голем притисок. Еден брејк беше доволен за освојување на премиерниот сет со 6-3 и водство од 1-0 во големото финале по само триесет и седум одиграни минути.
Гркот заигра далеку подобро во вториот сет. Многу помалку грешеше, а при водство од 5-4 успеа на сервис на противникот да стигне до првата брејк топка која беше и сет. Србинот успеа да ја спаси и да израмни на 5-5. Двајцата тенисери освоија уште по еден гејм и го одведоа сетот во тај-брејк. Таму Ѓоковиќ брзо поведе со 4-1, носо три поени во серија Циципас успеа да израмни на 4-4. Деветкратниот освојувач на турнирот во Мелбурн врати со иста мера и со серија од три поени успеа да слави со 7-4 и да поведе со 2-0 во сетови.
Во третиот сет очајно отсервира во воведниот сервис гејм, нешто што го искористи Циципас и успеа да стигне до првиот брејк на мечот и да поведе со 0-1. Сепак, Србинот веднаш напраи рибрејк и врати се на почеток во третиот сет (1-1). До 6-6 и двајцата тенисери успеаја да го сочуваат својот сервис и да го одведат и третиот сет во тај-брејк. Таму Ѓоковиќ повторно беше подобар за нова 22. гранд-слем титула.
Со оваа победа покрај тоа што стигна до рекордната десетта на Австралија опен и се израмни на врвот со Рафаел Надал по бројот на освоени гранд-слем титули (22) од понеделник Ѓоковиќ се враќа на првата позиција на АТП листата и ќе ја почне 374 недела на врвот и ќе му недостигаат само уште четири да ја мине легендарната Штефи Граф која во кариерата 377 седмици беше на врвот на ВТА листата.