Доброволното противпожарно друштво од Кочани доби противпожарно возило „Ивеко“ и комплетна опрема за лична заштита и спасување. Оваа донација од Германија беше обезбедена преку Амбасадата на Сојузна Република Германија во рамките на воспоставената соработка со Општина Кочани.

Оваа поддршка следи по трагичниот пожар во клубот „Пулс“ и претставува значајна помош за локалните служби. Новото возило е набавено со средства од Амбасадата и располага со хидраулична опрема, пумпи за вода и клешти за извлекување лица во сообраќајни несреќи. Исто така, може да превезува девет лица.

Во рамки на донацијата, обезбедени се и три илјади заштитни панталони, шлемови, ракавици и други единечни делови за лична заштита. Дополнително, германското Здружение на доброволни пожарникари испрати и 300 пара специјализирани чизми.

„Со колегите зедовме одмор за да возиме три илјади километри и да ја донесеме опремата. Овде запознавме луѓе на кои таа навистина ќе им биде потребна. Посакуваме да имаат што помалку интервенции и да се враќаат живи и здрави“, истакнаа претставниците на германското здружение.

Од Доброволното противпожарно друштво Кочани изразија благодарност за донацијата во име на граѓаните на општината.

„Со оваа опрема значително ги зголемуваме нашите капацитети за дејствување при пожари и технички интервенции. Ова е голем чекор напред за нашата работа. Се надеваме дека ќе продолжиме со соработка и на други проекти“, изјави Златко Илијев, претседател на ДПД – Кочани.

Оваа донација од Германија е дел од поширока програма за поддршка на локалните институции. Амбасадата на Германија и ДПД – Кочани пред две недели започнаа заеднички проект за психолошки обуки за наставниот кадар во училиштата и градинките во Кочани.

Во следниот период ќе се спроведат и практични обуки за укажување прва помош, како и за превенција и заштита од пожари за учениците.

Извор: Kanal5