Поранешниот амбасадор на Македонија во Велика Британија, Јован Донев во врска со предлогот од страна на Португалија за продолжување на преговорите со Бугарија за одблокирање на процесот за интеграција на Македонија, вечерва во „Само Вистина“ во Канал 5 телевизија, истакна дека за предлогот од Португалија не треба да им се верува на изјавите на Заев, затоа што тој е несериозен политичар кој се колнеше во децата пред потпишување на Преспанскиот договор.
Треба да ги тргнеме на страна изјавите на Заев, тој е несериозен човек, тој истото го зборуваше и во децата се колнеше уште пред потпишување на Преспанскиот договор, така да тој не е сериозен политичар, од еден аспект, а од друг треба да се има во предвид дека кога зборуваме за македонската надворешна политика таа се базира на дневно политички цели, зборувам за подолг период, а тоа се гледа како од ден на ден се работи нема долгорочна стратегија, а и тоа е нормално во ситуација кога во државата немаме стратегија за долгорен развој, не може да се очекува дека ќе се има долгорочна надворешна политика, затоа што внатрешната политика и надворешната се една целина, критикуваше Донев.
Донев вели дека никој не одговара за ваквата ситуација, прво оваа држава нема стратегија за национална безбедност, а ние сме една од ретките држави во свет која нема таква стратегија.
Нашата грешка беше тоа што го потпишавме тој договор со Бугарија, затоа што се потпиша договор без никакво знаење, без доволно информации што се подготвува, а тие што се најзадолжени за тоа не си ја завршиле работата, вели Донев.
Тој вели дека држава како Бугарија која сеуште го слави 3-ти март денот на потпишување на „Сан Стефанска Бугарија“ сеуште живее во сонот за „Голема Бугарија“ и таа сеуште живее во сонот дека Македонија ќе биде дел од Бугарија, како и тоа дека ние сме Бугари и сега сакаме со нив да преговараме.
-По прес конференцијата на Захариева кога таа на истата по владината седница ги објави точките кои влегоа во бугарската Декларација ние имавме отприлика седум дена, а ниту еден човек во Македонија не реагираше на таа прес конференција на Захариева, а можевме во тој момент да запреме со преговорите за да спречиме тој документ да дојде во парламентот на Бугарија, тоа можеше да се спречи, но ние дозволивме сега и правно Бугарската влада се повикува на тој документ, критикуваше Донев.