Основниот суд во Штип му изрече доживотна казна затвор на 74-годишниот Денис Асанов. Тој е прогласен за виновен за убиството на 79-годишната Борјанка Николова, извршено лани, по што го распарчил нејзиното тело. Дел од трупот беше пронајден во дворот од неговата куќа, додека останатите делови не беа пронајдени и покрај претрагите на полицијата и штипското комунално претпријатие „Исар“ на депонијата „Трештена скала“.
Судијката Јулијана Недкова денеска во Основниот суд во Штип ја објави пресудата со која Асанов беше огласен за виновен.
Во завршните зборови минатата недела, обвинителката од Основното јавно обвинителство – Штип побара казна согласно законот. Одбраната, пак, побара ослободителна пресуда и домашен притвор.
Според Обвинителството, Асанов го извршил убиството на особено суров начин. Со остар предмет ги отсекол главата и нозете на жртвата. Трупот со рацете го закопал во дворот на неговата куќа, додека останатите делови ги фрлил на непознато место.
Бранителката Елизабета Панева изјави дека доказите не се доволни и не даваат јасна слика за тоа како е извршено делото. Во завршните зборови посочи дека отсуствуваат докази, со што се отвора простор за сомнеж во вината на обвинетиот.
Убиството е извршено лани, а по обдукцијата е утврдено дека жртвата имала скршени осум ребра и тешки повреди на градниот кош, најверојатно од силен притисок. Телото било пронајдено две недели по смртта.
Асанов првично пред истражните органи признал вина. Подоцна, пред Судот ја сменил изјавата и тврдел дека телото го пронашол во куќата.
