Шест возачи биле лишени од слобода во текот на изминатото деноноќие на различни локации низ државата поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според МВР, тројца од приведените управувале возила без положен возачки испит. Станува збор за Б.М. (34) од скопско Батинци, 16-годишник од село Морани и Ф.К. (32) од прилепско Големо Коњари, кој истовремено бил и под дејство на алкохол.
Под дејство на алкохол бил затекнат и С.А. (53) од делчевското село Град, кој претходно предизвикал сообраќајна несреќа со материјална штета.
Од слобода бил лишен и А.А. (38) од Прилеп, кој управувал возило и покрај активната забрана за управување со моторно возило, а воедно бил и под дејство на алкохол.
М.Е. (66) од тетовско, пак, бил приведен откако управувал патничко возило во спротивна насока.
Од Министерството информираат дека по целосно документирање на случаите против лицата ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возила без возачка дозвола, под дејство на алкохол или со изречена забрана за управување, нагласувајќи дека ваквото однесување сериозно ја загрозува безбедноста во сообраќајот.
