Судскиот процес започна – обвинителството инсистира на доживотен затвор за Фадил Зејнелов
Во Основниот суд во Штип започна судењето за убиството на Емилија Пешева, која на 1 ноември минатата година беше убиена од Фадил Зејнелов. Обвинителството, адвокатите и семејството на жртвата бараат доживотен затвор за обвинетиот, сметајќи дека тоа е единствена праведна пресуда.
Родителите на Емилија влегоа во судницата со нејзината слика в раце, скршени од болка. Во тишина го слушаа читањето на обвинението.
Мајката на Емилија: „Кога ќерка ми ќе стане од гробот, тогаш и тој нека излезе“
Џемиле Сала, мајката на Емилија, сведочеше за страдањата на нејзината ќерка. Таа раскажа дека Зејнелов долго време ја малтретирал, ја тепал и ја контролирал. Семејството го пријавувало насилството, но секогаш кога случајот стигнувал пред суд, тој повторно ја убедувал да му се врати.
Мајката се присети на последниот разговор со нејзината ќерка. Вели дека ја предупредила да не се среќава со Зејнелов, но стравот што го почувствувала во тој момент за жал се покажал како оправдан.
Обвинетиот призна вина, но таткото на Емилија не верува во неговото каење
Во судницата, Зејнелов го призна убиството и изјави дека тоа го сторил поради неверство. Додаде дека се кае и изрази сочувство до семејството на жртвата.
Слободан Пешев, таткото на Емилија, смета дека овие зборови немаат тежина.
Тој сведочеше за насилството што неговата ќерка го трпела, нагласувајќи дека обвинетиот ја злоупотребувал финансиски. Ги земал парите што ги добивала за детски додаток и ги трошел на коцкање.
Што откри истрагата за кобниот ден?
Според наодите на истрагата, убиството се случило на 1 ноември околу 18 часот. Емилија и Зејнелов се сретнале пред нејзиниот дом и потоа заминале во напуштен објект на ЈП Исар. Таму, разговорот преминал во расправија.
Зејнелов ја нападнал со тупаници, а кога паднала на земја, ја стегал за вратот сè додека не престанала да дише. Кога забележал дека не покажува знаци на живот, го напуштил местото на злосторството. Неколку часа подоцна сам се пријавил во полиција.
Пресудата ќе биде изречена во среда – дали ќе следи доживотна казна за обвинетиот:
Обвинителството и адвокатите на семејството на жртвата се согласни дека само доживотен затвор за Фадил Зејнелов може да биде соодветна казна за стореното.
Семејството на Емилија очекува најстрога казна и верува дека само така ќе се спроведе правдата.
Пресудата ќе биде објавена во среда, а јавноста со нетрпение го очекува исходот.
Ова е само една жртва на фемицид во Македонија, а насилството над жените е секојдневна вест во црната хроника.