Поморски дронови синоќа повредија осум лица во Сочи, популарно руско летувалиште на Црното Море, соопштија властите на околната Краснодарска област преку апликацијата Телеграм.

Во објавата се наведува дека е делумно оштетена инфраструктурата на плажата во Сочи. На снимка од крајбрежното шеталиште, објавена на социјалните мрежи, се гледа експлозија и се слуша пукање, придружено со крици од луѓе. Сочи, познат како „втор главен град“ на Русија, е исто така дом на официјалната летна резиденција на рускиот претседател Владимир Путин. Градот, кој се смета за летно и зимско одморалиште за руската елита, се наоѓа на околу 650 до 700 километри од украинската граница.

Повеќе светски агенции ја потврдија автентичноста на снимката.

Додека Украина речиси секојдневно ја напаѓа Русија со дронови од воздух, вклучувајќи и напади длабоко во руската територија со цел уништување на енергетската, извозната и логистичката инфраструктура, нападите со поморски беспилотни леталата се поретки.

Сочи беше домаќин на Зимските олимписки игри во 2014 година, кусо време пред Русија да го анектира полуостровот Крим од Украина, кој исто така се наоѓа на Црното Море.