Бројот на нелегални гранични преминувања во Европската Унија се намали за повеќе од една четвртина во 2025 година во споредба со претходната година, покажуваат податоците на агенцијата на ЕУ за гранична контрола, Фронтекс.

ДРАСТИЧЕН ПАД НА МИГРАНТИ И НЕЛЕГАЛНИ ПРЕМИНУВАЊА

Агенцијата со седиште во Варшава соопшти во четвртокот дека лани регистрирала нешто помалку од 178.000 обиди за нелегален премин, што е најниско ниво од 2021 година. Фронтекс оцени дека станува збор за значаен пад, но предупреди дека состојбата на надворешните граници на ЕУ и понатаму е неизвесна. „Трендот се движи во вистинската насока, но ризиците остануваат“, изјави директорот на Фронтекс, Ханс Лајтенс.

Тој наведе дека засилената соработка меѓу Фронтекс, владите и партнерите во земјите надвор од Европската Унија дала конкретни резултати. Според податоците на агенцијата, во 2025 година е забележано значително намалување на нелегалните обиди за влез во ЕУ по западноафриканската рута, за 63 проценти, по западнобалканската рута, за 42 проценти, како и на копнената граница со Белорусија, за 37 проценти.

Фронтекс соопшти дека падот на западнобалканската рута е резултат на подобрените безбедносни мерки и соработката со Босна и Херцеговина.

Најголем дел од лицата регистрирани при обидите за нелегален влез во ЕУ имале бангладешко, египетско или авганистанско државјанство. И покрај општиот пад, најфреквентна миграциска рута останува преку Медитеранот, која учествува со речиси една третина од сите нелегални гранични преминувања во 2025 година, при што рутата Либија – Италија е најчесто користена.

На медитеранската рута, според Фронтекс, речиси и да немало промени во однос на претходната година. Во 2025 година биле регистрирани 66.328 обиди за влез во Европската Унија по море, што е за еден процент помалку во споредба со 2024 година.

Во источниот дел на Медитеранот, бројот на нелегални гранични преминувања се намалил за 27 проценти. Истовремено, на рутата од Алжир кон Шпанија било забележано зголемување од 14 проценти во однос на претходната година.

Спротивно на овој тренд, мало намалување е регистрирано и на рутата кон Обединетото Кралство. Бројот на обиди за преминување на Ламанш се намалил за три проценти во споредба со 2024 година.

ДРАСТИЧЕН ПАД НА МИГРАНТИ