Дрон што носел значителна количина експлозив денеска влегол во бугарскиот воздушен простор од Романија и експлодирал во близина на Трансбалканскиот гасовод, на околу еден километар од компресорска станица кај граничниот премин Кардам.
Бугарскиот премиер Румен Радев соопшти дека леталото потоа се урнало во поле и дека во инцидентот нема жртви ниту штети на објектите.
„Дрон што носеше значителна количина експлозив утрово влезе во бугарскиот воздушен простор и експлодираше недалеку од границата со Романија и Трансбалканскиот гасовод, а потоа се урна во поле. Дронот експлодираше во непосредна близина на граничниот премин Кардам со Романија, во близина на Црното Море на североистокот на земјата, на 1.000 метри од компресорска станица на Трансбалканскиот гасовод што ја поврзува Турција со Украина“, соопшти Радев.
Според него, бучавата од дронот прво била регистрирана од романската гранична полиција, а потоа бугарска патрола слушнала силна експлозија и забележала црн чад.
Леталото не било идентификувано додека се движело низ романскиот и бугарскиот воздушен простор, а засега не е познато од каде потекнува ниту дали има врска со Русија или Украина.
По вонредниот состанок на владиниот совет за безбедност, Радев најави дека капацитетите на граничната полиција за откривање и неутрализирање дронови ќе бидат префрлени од границата со Турција кон границата со Романија.
„Како што знаете, идентификувањето и неутрализирањето на овие дронови е голем предизвик“, рече Радев.
Областа околу местото на падот е оградена, а надлежните продолжуваат да ја следат состојбата. Бугарскиот министер за одбрана Димитар Стојанов најави дека дополнителни информации за инцидентот ќе бидат презентирани на состанокот на Северноатлантскиот совет на почетокот на следната недела.
