Две беспилотни летала паднале во југоисточна Финска, а властите се сомневаат дека станува збор за украински дронови. Инцидентот се случил без да бидат пријавени повредени лица или материјална штета.

Според финските медиуми, едно летало паднало северно од Кувола, а друго источно од градот. Министерството за одбрана соопшти дека биле детектирани повеќе објекти кои летале на мала височина низ финскиот воздушен простор.

Биле испратени борбени авиони за нивна идентификација, но не било дејствувано за нивно соборување, со цел да се избегне штета на земја.

– Дронови залутаа на финска територија. Го сфаќаме ова многу сериозно – изјави министерот за одбрана Анти Хаканен.

Финските воздухопловни сили ги идентификувале објектите како украински беспилотни летала, додека премиерот Петери Орпо изјави дека тие „веројатно“ потекнуваат од Украина и дека случајот е под истрага.

Кувола се наоѓа на околу 70 километри од руската граница, а според Орпо, дроновите би можеле да бидат поврзани со ноќните напади врз нафтени инсталации во рускиот регион Ленинград.

Украинските сили ноќеска нападнаа цели во пристаништето Уст-Луга на Балтичкото Море, при што биле предизвикани пожари. Гувернерот на Ленинградската област, Александар Дрозденко, соопшти дека руската противвоздушна одбрана соборила 31 беспилотно летало.

Во регионот била прогласена тревога за воздушен напад, а властите предупредија и на можни прекини или забавување на интернетот како дел од мерките за одбрана од дронови.