Интензивна борба со пожарот и истраги за потеклото
Министерот Панче Тошковски на прес-конференција изјави дека во тек е справување со пожарот во Трубарево, а паралелно се водат разговори и за можните хибридни напади за кои претходно зборуваше Стојанче Ангелов.
„Ме прашувате за хибридните напади кои ги спомена Ангелов. Овој состанок сега, беше за тоа како да се справиме со пожарот. А во оној штаб на 20 метри од овде, разговаравме и за хибридните напади. Досега над 40 луѓе се лишени за пожарите, дел од тие луѓе се во притвор, за жал засега не можеме да утврдиме организициона поставеност меѓу тие луѓе. Но факт е дека во три дена ни горат четири депонии во Скопје, што диви, што легални. Господ не може да ме убеди дека ова е случајност. Јас ве уверувам дека секој за кого ќе има докази ќе преземеме се за што ќе добиеме наредба од ЈО по насоки на судот,“ одговори Тошковски.
Тој посочи дека пожари од ваков тип се забележани и во други држави како Франција, Белгија и Литванија, што покажува дека проблемот има глобални димензии.
„Ова е прв пат да се случи ваков тип на пожар во Македонија,“ рече министерот.
Тошковски додаде дека државата се соочува со сериозни системски слабости.
„Не е еднаш досега има кажано дека во оваа држава каде и да копнете, се е гнило и испаѓаат проблеми кои што за жал, денес не ставаат во ваква ситуација. Но, за разлика од претходно, ние делуваме, со ресурсите со кои располагаме,“ изјави тој.
На терен се ангажирани булдожери, припадници на МВР и Армијата, а работата е интензивна.
„Во текот на денот и во овој момент, неколку булдожери се поставени на лице место. И огромен број припадници на МВР, на Армијата… Се работи интензивно. Но, пожарот ќе трае. Дронот констатираше температура од 500 степени над пожарот. Не горат само дрвја, туку горат и батерии. Н95 маски се носат од страна на МЗ и од другите институции, маски носи на лице место и Црвениот крст. Од страна МВР се доставени 150 гас маски. Од страна на МО доставени се 50 маски, на луѓето кои се во самото жариште, во багерите, им се дадени посебни кислородни маски. Во вакви моменти мораме здружено да настапиме зашто вакви катастрофи се животни загрозувачки. Се што можеше да се преземе – преземено е,“ рече Тошковски.
Министерот нагласи дека жителите во близина се обезбедени со заштита.
„До 150 метри загаденоста е висока, до 200 метри загаденоста е средна, од 200 до 400 метри загаденоста е ниска, а над 400 метри МО и неговите мерни инструменти не констатирале загаденост на воздухот. Од страна на Дирекцијата за радиолошки зрачења на МО не е констатирана ни радиолошка загаденост,“ истакна тој.
Тошковски се осврна и на прашањата за неговото движење во текот на денот.
„Утрото прво бев во Оризари на помен на дете загинато во Кочани, потоа запалив свеќа на секој загинат во кочанскиот пожар во Пулс, а од 16 часот сум во Скопје и се справувам со пожарот во Трубарево.“
На прашањето дали чувствува срам, тој одговори:
„Дали ми е срам да работам за својот народ? Не! Дрисла се палела и во 2023, во 2024 и во 2025 година. Истото е и со Вардариште. Срам ми е што морам да кажам ние после 35 г. немаме капацитети да се справиме со вакви состојби како што треба. Тоа ми е срам. А не ми е срам што работам за народот. Инаку, ова е прв ваков пожар на ваков тип на фабрика.“
Во врска со дозволата за фабриката за батерии, Тошковски изјави:
„Во овој момент не можам официјално да соопштам за дозволата. По насока на ЈО три лица се во полициска станица и повеќе не можам да кажам. Оние граѓани кои се во рамки на 150 метри, кај тие граѓани одевме од куќа до куќа и им кажувавме дека треба да се евакуираат. Тие луѓе во прв момент се известени. Овие параметри се од мерни инструменти кои што ги користи специјализирана единица на МО. Дали мириса? Да и овде се чувствува, но нема загаденост подалеку од 400 метри согласно специјализираната единици со специјални инструменти на МО,“ појасни министерот.