Пријава за злоупотреба на службена положба во Куманово
Секторот за внатрешни работи Куманово поднел кривична пријава против Р.А. (45) од Куманово, за повеќе кривични дела, меѓу кои „злоупотреба на службена положба и овластување“, „фалсификување или уништување деловни книги“ и „фалсификување исправа“, соопшти МВР.
Според полицијата, тој како вработен во Министерството за финансии – Управа за имотно-правни работи, Подрачно одделение Куманово, овозможил незаконско донесување и спроведување решенија за приватизација на државно градежно земјиште.
Неправилности во предметите и сомнеж за прикривање документи
Од СВР Куманово наведуваат дека во предметите се утврдени сериозни неправилности, вклучително промена на идентитет на подносители и издавање решенија на други лица.
„Во предметите е утврдена недозволена промена на идентитетот на подносителите, односно решенијата се издадени на лица различни од заведени во службените книги. Воедно, предметите не биле правилно евидентирани, содржеле контрадикторни податоци, а дел од документацијата не била достапна со што се создава сомнение за нејзино прикривање или уништување. Во решенијата се наведени непостоечки записници, внесувани се невистинити податоци, а не е известено ниту државното правобранителство, што е задолжително“, соопшти СВР Куманово.
