Министерството за спорт утре, 4 септември, ќе ги додели Државните награди „8 Септември“ за остварувања во спортот за 2026 година. Свеченоста ќе се одржи во Собранието на Република Македонија, со почеток во 12 часот, согласно одлуката на Одборот за доделување на наградите.

Наградите се доделуваат по 14. пат. Оваа година ќе бидат врачени четири државни признанија за спортисти, тренери и спортски работници за нивните остварувања во областа на спортот.

Ќе биде доделена и награда за животно дело, која има траен карактер. Таа се доделува за исклучителен придонес во развојот на спортот, афирмацијата и промоцијата на Република Македонија на меѓународен план.

На конкурсот објавен во 2026 година се пријавиле девет кандидати за државната награда, додека за наградата за животно дело аплицирале шест кандидати.

Постапката за избор на добитниците се спроведува согласно одредбите од Правилникот за работа на Одборот за доделување на државната награда.

Одборот го сочинуваат 13 членови, меѓу кои се еминентни и истакнати спортски работници и професори од областа на спортот.