Демократскиот сојуз смета дека најавите за поставени бомби се насочени кон дестабилизација на државата, преку кои се нарушува процесот на образование, како и нормалното одвивање на животот.

Овие лажни најави за поставени експлозивни направи, наведено е во соопштението, предизвикуваат трајни последици по психичкиот развој на младите, потоа при евакуацијата се можни повреди на учениците и се создава страв и нервоза кај родителите.

„Повеќе од јасно е дека овде има и политички цели, се работи за внатрешна ‘организација’ која можно е да има и странска логистика, поради што службите за безбедност мораат да имаат координиран настап со вклучување на сите расположиви ресурси. Апелираме младите да не се вклучуваат во вакви авантуристички активности, бидејќи најавите за поставени бомби е тешко кривично дело за кое се предвидени високи затворски казни, а и другите последици се долготрајни:забрана за влез во другите држави, на секој премин претреси, ограничување при вработување во некои институции (безбедносно неподобни ќе бидат) итн. Практично, со учество во вакви незаконити активности, ќе си закачите канта на грбот, која цел живот ќе ви тропа“, наведено е во соопштението на Демократски сојуз.