ДУИ повторно се враќа на својот омилен жанр – политичкиот трилер со меѓународни заговори. Овој пат, потпретседателот на партијата, Бујар Османи, драматично тврди дека во Белград се крои заговор за деградирање на Албанците во Северна Македонија – од „државотворен народ“ во обично малцинство.

Секако, оваа бомбастична теорија доаѓа во момент кога ДУИ е заглавена во корупциски скандали, американски црни листи, бегство на функционери и правни истраги. Значи, ако судството почне да чука на вратата, најдобро е да се измисли надворешен непријател, нели?

ДУИ „гори“, а Османи бара спас во Белград

Во својата најнова епизода на „Како да го избегнеме судството“, Османи со емоционален патос го повикува ВЛЕН да се обедини со ДУИ во борбата против – погодувате – Белградскиот „проект“.

Ова не е повик од потпретседателот на ДУИ, туку братски повик од човек кој знае како функционира системот“, изјави Османи, веројатно мислејќи на системот во кој ДУИ владее 22 години додека ги полнеше своите редови со „империјални“ бизнисмени, министри и функционери сега гонети за корупција.

И додека Османи емотивно повикува на „единство“, неговите зборови не наидуваат на одобрување во албанскиот политички блок.

Лидерот на Беса, Билал Касами, кој е дел од коалицијата ВЛЕН, ладнокрвно му врати:

„Не постои никаков српски план, само обид на Османи и неговите сопартијци да избегнат одговорност за корупција. Дел од тие злоупотреби веќе се под истрага, а наскоро јавноста ќе ги дознае сите детали.“

И така, додека Османи зборува за Белград, обвинителите зборуваат за криминал. Која приказна е пореална?

Кога судството затропа, ДУИ потпишува антикорупциски декларации

Откако неколку функционери на ДУИ завршија на црната листа на САД, а други побегнаа од земјата како да се тркаат кој побрзо ќе ја помине границата, партијата на Ахмети брзо се сети на „антикорупциски мерки“.

Али Ахмети гордо потпиша неколку „антикорупциски декларации“, надевајќи се дека со малку хартија и мастило ќе ги убеди и граѓаните и американските институции дека ДУИ не била главниот столб на „заробената држава“.

Но, како што коментира новинарот Насер Селмани:

„Ако ДУИ навистина се бори против корупцијата, нека ги повика Артан Груби и Перпарим Бајрами да се вратат во земјата и да се соочат со обвиненијата.“

Очигледно, „антикорупциските мерки“ на ДУИ функционираат одлично – освен кога треба да ги вратат сопствените луѓе од бегство.

ДУИ и политичката математика: Ако некој нè истражува, ајде да направиме криза!

Покрај тоа што се закануваат со „политичка криза“ ако Уставниот суд „се дрзне“ да го преиспита Законот за јазиците, од ДУИ бараат и предвремени избори. Значи, ако некој чепне каде што не треба – време е да се руши владата со етнички тензии и политички кризи.

Ахмети исто така ја чува својата последна карта – бојкот на локалните избори во обид да остане на власт и да ја спаси партијата од невиден пораз.

Во меѓувреме, во јавноста сè погласни стануваат информациите за тоа како ДУИ, заедно со СДСМ, ја претворила државата во приватна корпорација за „пријателите“ на партијата.

 Кој сега верува во бајките на ДУИ?

Заговор од Белград

ДУИ и Османи можеби мислат дека можат бесконечно да ги заплашуваат Албанците со Белград и да ја претворат секоја легитимна критика во „антиалбански заговор“.

Но, времињата се сменија. Американските институции не се импресионирани од нивните приказни, а коалициските партнери не се наивни како порано.

Факт е дека ДУИ веќе не може да избега од сопствената сенка. Белград не им е проблемот – туку судството, американската црна листа и сопствените корупциски скандали.

Затоа, нека зборуваат за Белград, но нека не се чудат кога вистинската опасност ќе дојде од Скопје – од правдата која (иако бавно) почнува да ги стигнува.

Извор: DW