Најмалку 27 лица загинаа во две посебни масовни пукотници што се случија за само неколку часа во Јужна Африка, соопшти полицијата.
Во првиот инцидент што се случил во саботата навечер во бар западно од Јоханесбург, животот го загубиле 17 лица. Според полициските информации, вооружени лица со пушки АК-47 и пиштоли отвориле оган врз гостите кои биле внатре и надвор од објектот.
– Се тврди дека гостите пиеле внатре и надвор од пабот кога осомничените пристигнале и отвориле оган врз оние надвор – се вели во полициското соопштение.
Надлежните нагласуваат дека напаѓачите претресле дел од гостите, им зеле мобилни телефони и запалиле две возила пред да побегнат. Во нападот загинале 13 мажи и четири жени, а истрагата е во тек.
Во втор одвоен инцидент во раните утрински часови во неделата во Лвандли, во близина на Кејптаун, во напад на забавен објект биле убиени 10 лица, додека 11 се повредени.
– Официјалните полициски извештаи покажуваат дека вооружени лица влегле во забавниот објект, кој исто така продава месо на скара, околу 1:46 часот наутро и отвориле оган врз гостите, соопшти полицијата.
Пет лица починале на самото место, а петмина им подлегнале на повредите во болница. Полицијата трага по сторителите.
