Два синдикати кои ги претставуваат вработените во одбраната и припадниците на Армијата јавно соопштија дека не го поддржуваат протестот најавен за 7 ноември, кој е организиран под водство на Александар Насковски.

Синдикатот на вработените во одбраната и Армијата – СВОА, преку објава на социјалните мрежи, порача дека изминатата година била исполнета со интензивна работа, разговори и постигнати резултати за вработените во одбраната. Според нив, подобрувањето на стандардот и условите за работа е резултат на конструктивниот дијалог со министерот за одбрана Владо Мисајловски и премиерот Христијан Мицкоски.

Од СВОА тврдат дека претставниците на речиси сите синдикални здруженија учествувале во разговорите и дека заеднички се работи на подобрување на правата на вработените и подготовка на нов Колективен договор.

Во објавата тие упатија критики до синдикатот кој го организира протестот, наведувајќи дека станува збор за организација со околу 70 членови и обвинувајќи го нејзиното раководство дека не учествувало во заедничките преговори.

Сличен став изнесе и Независниот синдикат на одбраната (НСО), кој објави официјален демант и категорично порача дека не дава поддршка за протестот на 7 ноември.

Од НСО сметаат дека зад протестот не стои јасно дефинирана и реално остварлива синдикална стратегија, туку пристап со кој се создава дополнителен немир и се поттикнува незадоволство кај припадниците на Армијата и вработените во одбраната.

„Професионалните војници не се алатка за нечии лични амбиции!“, порачуваат од НСО, обвинувајќи дека постојат обиди нивното незадоволство и неизвесност да се искористат за лична промоција и собирање синдикални поени.

Од овој синдикат нагласуваат дека правата на вработените треба да се обезбедуваат преку сериозни преговори, аргументи и институционален притисок, а не преку празни ветувања и создавање конфликти.

Двата синдикати најавуваат дека ќе продолжат со активности за подобри плати, права и услови за работа, како и со конструктивен дијалог со надлежните институции.

Со ваквите објави, СВОА и НСО јасно се дистанцираат од најавениот протест, додека останува да се види каков ќе биде одѕивот на припадниците на Армијата и вработените во одбраната на 7 ноември.