Министерството за образование и наука и Европската банка за обнова и развој потпишаа Меморандум за разбирање со цел поддршка на квалификациите и програмите за стручна обука во областа на управувањето со отпад и циркуларната економија.

Заедничкото партнерство овозможува креирање на стандарди за занимања и квалификации, нови наставни планови и специјализирани програми во рамките на Националната рамка на квалификации. Соработката цели кон зајакнување на образовните капацитети и институциите за обука за испорачување на вештини потребни за модерен и безбеден сектор усогласен со регулативите на Европската Унија.

Оваа иницијатива е составен дел од поширока програма финансирана од Европската Унија, тесно поврзана со Регионалниот проект за цврст отпад што го финансира ЕБОР. Во рамките на проектот предвидена е изградба на современи санитарни депонии според европски стандарди, изградба на претоварни станици и набавка на комунална опрема во Пелагонискиот, Југозападниот, Полошкиот и Вардарскиот односно Југоисточниот регион.

Функционирањето на овој инфраструктурен систем налага постоење стручен и обучен кадар способен технички да ракува со новите капацитети. Преку ова партнерство се отвораат образовни насоки за учениците од стручните средни училишта, за наставниот кадар, невработените граѓани и лицата со претходно техничко знаење кои сакаат квалификација, вклучувајќи ги и маргинализираните општествени групи со отежнат пристап до образование.

„Со воспоставувањето на оваа соработка ќе дадеме значителен придонес кон развојот на систем за правилно управување со отпадот и дефакто придонес кон намалување на загадувањето на средината. Важна е инфраструктурата, но подеднакво важен е и кадарот. Ќе создадеме стручен кадар кој е потребен за постојните, но и за многу нови т.н. зелени работни места што во иднина ќе се отворат“, рече Јаневска.

Претставникот на ЕБОР во земјата ја нагласи потребата од вложување во стручните знаења како темел за постигнување целосни економски и социјални бенефити за заедницата.

„Современата инфраструктура за управување со отпад бара квалификувана и инклузивна работна сила за да се остварат целосните еколошки, економски и социјални придобивки. Ова партнерство ќе помогне Регионалниот проект за цврст отпад да се преточи во долгорочни можности за луѓето, почнувајќи од основни обуки за оператори за управување со отпад, па сè до квалификации за технички и раководни позиции. Инвестирањето во вештини е од суштинско значење за развој на циркуларна економија усогласена со стандардите на ЕУ и за обезбедување директни придобивки за заедниците од оваа значајна инвестиција“, изјави Туркменоглу.

Шефот на Секторот за соработка при Делегацијата на ЕУ посочи дека зелената транзиција претставува многу повеќе од обична физичка изградба на инфраструктурни објекти.

„Транзицијата кон модерен, одржлив систем за управување со отпадот, усогласен со стандардите на Европската Унија, подразбира многу повеќе од изградба на инфраструктура – таа значи создавање можности за луѓето и обезбедување услови сите да имаат придобивки од зелената транзиција. Преку ова партнерство инвестираме во вештините, знаењето и капацитетите потребни за развој на квалификувана работна сила, истовремено промовирајќи инклузивни и општествено одговорни можности за вработување. Со поврзување на образованието и обуките со потребите на секторот за управување со отпадот, кој е во развој, како и со интегрирање на принципите на општествена одговорност во процесите на јавни набавки, можеме да обезбедиме оваа инвестиција да донесе долгорочни еколошки, економски и социјални придобивки. Нашата амбиција е зелената транзиција да биде не само одржлива, туку и инклузивна, при што никој нема да биде изоставен“, истакна Елеро.

Како следен институционален чекор, ресорното министерство и ЕБОР ќе формираат посебна заедничка работна група што ќе ги дефинира специфичните модули и образовни програми согласно потребите на регионалните системи за управување со отпад.