Полицајци ноќеска во Тетово привеле 20-годишник, кој почнал да бега кога бил запрен за контрола. Тој бил лишен од слобода околу 1 часот и 10 минути на улица „Браќа Миладиновци“.

– Полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода 20-годишниот тетовец М.М. затоа што при негов и преглед на патничко моторно возило „Сеат Ибица“ со гостиварски регистарски ознаки, што тој го управувал, а во кое се превезувале уште три лица, била пронајдена марихуана. М.М. претходно не застанал на даден знак од полициските службеници и се обидел да избега, но брзо бил фатен. По целосно расчистување и документирање на случајот ќе му биде изготвен соодветен поднесок по член 215 од Кривичниот законик, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Две други лица поради поседување марихуана се приведени синоќа околу 23 часот на влезот во тетовското село Сараќино.

Полициски службеници на СВР Тетово лишиле од слобода двајцата жители на тоа место откако при преглед на возило „Фолксваген Голф“ со тетовски регистарски ознаки, била пронајдена марихуана. Двајцата се задржани во Полициската станица – Тетово за натамошна постапка, а им било одземено и возилото, бидејќи не било регистрирано повеќе од шест месеци.