Германските власти уапсиле двајца турски државјани под сомнение дека се поврзани со пожар во станица на сателитскиот интернет-систем „Старлинк“ во централна Полска. Полските власти истражуваат сомневања дека станува збор за саботажа со руска заднина, објави Ројтерс.

Пожарот ги зафатил енергетскиот систем и резервниот генератор на станицата. Полските власти претходно соопштија дека инцидентот можеби имал цел да ги попречи интернет-услугите, вклучително и оние што ги користи украинската војска. Министерот задолжен за специјалните служби, Томаш Семоњак, директно ја обвини Москва.

„Нема сомнеж дека зад овој чин на саботажа стојат руските служби. Притоа, сè повеќе се потпираат на поединци поврзани со криминалните кругови“, изјави Семоњак на прес-конференција.

Функционери од повеќе земји членки на Европската Унија со месеци предупредуваат дека Русија спроведува саботажи, кибернапади и други хибридни операции низ Европа, со цел да ја ослабне поддршката за Украина. Москва ги отфрла обвинувањата како неосновани и ги нарекува антируска хистерија.

„Старлинк“ почна да се користи во Украина во 2022 година, откако Киев побара помош во првите денови од руската инвазија. Полска претходно соопшти дека ги плаќа претплатите за услугата што ја користи Украина.