Лидерите на ЕУ ќе се состанат в понеделник, 30 мај, на специјален дводневен состанок во Брисел на кој ќе разговараат за ситуацијата во Украина, енергијата, снабдувањето со храна и одбраната.
На состанокот на лидерите на ЕУ преку видео врска ќе се приклучи и украинскиот претседател Володомир Зеленски, а од Брисел повторуваат дека ќе продолжат со политичка, воена и финансиска поддршка на Украина и притисок врз Русија.
– Една од нашите најитни грижи е да и помогнеме на украинската држава, заедно со нејзините меѓународни партнери, да ги задоволи потребите за ликвидност. Ќе разговараме и за тоа како најдобро да ја организираме нашата поддршка за обновата на Украина, бидејќи ќе бидат потребни големи глобални напори за обнова на земјата, наведе претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Во писмото со покана до лидерите на ЕУ, Мишел најави дека во Брисел повторно ќе се разговара на највисоко ниво за енергијата, цените на енергијата и престанокот на зависноста од руските фосилни горива.
Тој додаде дека војната во Украина, покрај енергетската, има драматично влијание и врз глобалната безбедност на храната.