Македонија – тажна приказна на Балканот. Така ја нарече еврокомесарката за проширување Марта Кос во нејзиното интервју за Радио Слободна Европа.

Марта Кос: Црна Гора најблиску до ЕУ, Македонија и Косово се тажна приказна

Кос заборави да каже зошто Македонија цели 20 години чека во „чекалната“ на ЕУ

Но, Кос заборави да каже зошто Македонија цели 20 години чека во „чекалната“ на Европската Унија. Заборави да спомне дека уште во 2009 година имавме јасна препорака од Европската комисија за отпочнување на преговори – кои цели деценија не се реализираа поради блокадата од Грција.

Од 2019 година, палката ја презеде Бугарија, протежирана од Франција и неколку други членки на ЕУ, која со години нè блокира со барања за ревизија на историјата, непризнавање на јазикот, нацијата, идентитетот. Со официјални декларации не ни ги признава дури ни историските личности. А за Кос, ние сме „тажна приказна“.

Не спомена ниту дека името на државата ни беше сменето – спротивно на волјата на народот – со ветување дека тоа ќе го отвори патот кон ЕУ. Ветување што не беше исполнето. Ако заборавиле, можат да го прашаат Заев.

Никој не ги демантираше лажните почетоци на преговори – најмалку 100 пати прогласени од истите политичари уште од 2018-та, со фотографии во авиончиња, дигнати палци и насмевки. Сè остана на слики и изјави.

За вистинските виновници за „тажниот“ статус на Македонија – никој не зборува. А кога станавме кандидати, бевме десетпати поспремни од Бугарија, дваесетпати поподготвени од Романија.

Ако Украина мораше да чека како Македонија преговорите ќе ги започнеше во 2045 година

Сега, важен е напредокот на Украина. Според Кос, ако Украина мораше да чека како Македонија, преговорите ќе ги започнеше дури во 2045 година. Иронично, Украина можеби ќе влезе во ЕУ до 2029 година – пред Македонија.

Македонија стана пример – но за чекање. Таа улога ја играше Турција, сега сме ние.

„Доаѓам од Словенија, која порано беше дел од оваа територија. Во некои аспекти, регионот беше подобар пред 20 години отколку денес. Има неколку тажни приказни – Косово, Македонија, Босна и Херцеговина“, рече Кос.

Таа најавува затворање на поглавјата со Црна Гора до 2026 година, бидејќи – „нив никој не ги блокирал“. И Албанија, која исто така – „никој не ја блокирал“, може да ги заврши преговорите до 2027 година. Македонија, пак, останува на маргините, и покрај тоа што сите реформи и хармонизации ги заврши одамна.

Двојни стандарди за Македонија

За нас важат посебни критериуми – порано атински, денес софиски. Двојни стандарди, политички калкулации, билатерални уцени… Сè освен фер и праведен пристап.

Да, „тажна приказна“ е полн погодок. Но не за нас – туку за лицемерието на оние што ветуваа интеграција, но нè оставија на прагот.